Како и да ја вртиш во Катар е пекол, впрочем и затоа следното Светско во фудбал во 2022-ра наместо по тераси ќе го гледаме на зимски слави.
Веќе кога се моќни да можат да организираат што и да посакаат, требаше и атлетикава да ја направат како фудбалот, односно кога ќе подзалади, ако има такво нешто во таа ултра богата, ама неподносливо топла земја.
Светското атлетско првенство почна во петокот на 27-ми и веќе е прогласено за катастрофа од многу врвни атлетичари. Тие ја обвинија IAAF (меѓународната атлетска федерација) дека ги третираат како морски прасиња со тоа што треба да се натпреваруваат на температура од 31 степен и на многу висока влажност.
Ова важи особено за маратонците кои гинат на отворено.
„Влагата убива. Нема што да се дише. Мислев дека нема да завршам. Ова е непочитување кон спортистите. Еден куп официјални лица се собраа и решија дека тука ќе се одржи Светското првенство, но тие сега си седат на ладно“, изјави Волга Махаронак од Белорусија која заврши петта на женскиот маратон.
„Гледате некој истоштен како се откажува и се струполува на земја од што не може да го издржи пеколот и тоа е крајно застрашувачко. Тоа можете да бидете вие во следните 500 метри. Глетката е навистина страшна. Јас сум навистина многу благодарен што успеав воопшто да стигнам до целта“, вели Линдзи Тесиер од Канад.
Катар изгради стадиони со клими кои ја спуштаат температурата до 23 степени, но тоа им носи уште поголема фрустрација на многу спортисти кои трчаат надвор. Ова важи за маратонците и тркачите во одење.
Хаџи Адило Роба од Етиопија која стигна до финишот на една минута пред полноќ изјави дека никогаш во нивната земја не би организирале маратон во вакви услови.
40 од вкупно 68 натпреварувачки ја завршија маратонската трка, а неколку од нив завршија на носилки. IAAF се бранеше дека сепак никој од нив не завршил со топлотен удар и покрај тоа што 30 спортисти го посетија медицинскиот центар.
„Јас сум крајно вознемирен. Ако се натпреварувавме на стадион ќе имавме нормални услови. Надвор не сместија во печка“, вели Французинот Јохан Диниз кој ја задржа светската титула на 50 км одење.
Освен тешките временски услови, натпреварувачите се жалат и на духовната тишина поради празните места на стадионите.
Само неколку мигови по одличните 10.83 на британската спринтерка Дина Ашер Смит, таа го зграпчи знамето од мајка и истрча круг за да го прослави сребрениот медал на 100 метри. Но пред кого?
На стадионот Калифа со капацитет од 40.000 седишта, имало не повеќе од 1.000 луѓе од кои многу новинари кои остануваат работно до крај.