Без заслуженото внимание од јавноста, македонската одбојкарска репрезентација во СРЦ „Кале“ ги дочека резултатите од другите натпревари кои и одеа во прилог и ја совлада Унгарија за историски прв пласман на едно Европско првенство.
Нашите одбојкари завршија втори зад Украина и обезбедија место меѓу петте најдобри второпласирани селекции. Во групата од седум второпласирани селекции, Македонија го освои петтото место и ќе игра на Европско. Зад нас завршија Израел и Азербејџан.
Предводени од одличниот Никола Ѓоргиев и инспирирани од победите на Швеѓаните над Азербејџан и Летонците над Израел, нашите одбојкари фуриозно ја згромија Унгарија со 25-21, 25-20 и 25-21.
Оваа победа значеше и прв историски пласман на едно Европско првенство за нашите одбојкари. 31. издание на Европското одбојкарско првенство за првпат ќе се игра во четири земји: Словенија, Холандија, Белгија и Франција.
Токму во Франција ќе се игра завршницата на турнирот кој ќе трае од 13 до 29 септември годинава.