Македонија го развеа знамето на Олимписките игри

Ставре Јада и Јана Атанасовска беа знаменосци на отворањето на Зимските Олимписки игри во Милано и Кортина кои ќе траат до 22 февруари. Заедно со нив ќе учествуваат и Ана Цветановска и Виктор Петков. Преносите ќе може да ги следите на МТВ.

Со свечена церемонија која се одржа истовремено на четири локации – Милано, Кортина, Предацо и Ливињо, официјално беа отворени 25. Зимски олимписки игри.

На најголемиот зимски спортски настан учествуваат околу 2.900 спортисти од 92 држави.

Македонскиот олимписки тим брои четири натпреварувачи: Ана Цветановска и Ставре Јада ќе настапат во нордиските, додека Јана Атанасовска и Виктор Петков во алпските дисциплини.

Ова претставува најбројна македонска спортска делегација на Зимски олимписки игри, на кои Македонија учествува по осми пат после дебито во Нагано 1998.

Јана Атанасовска гордо го носеше македонското знаме во Кортина, Ставре Јада, за кого ова се трети Зимски олимписки игри беше знаменосец во Предацо, додека Виктор Петков дефилираше во Ливињо.

Главната церемонија се одржа на стадионот „Сан Сиро“ во Милано под мотото „Хармонија“, со музички настапи на Мараја Кери, Лаура Паузини и Андреа Бочели.

Олимпискиот оган беше запален во Милано и во Кортина, а честa ја имаа легендарните италијански спортисти Дебора Компањони, Алберто Томба и Софија Гоџа.

7 февруари 2026 - 11:03