Интервју со Игор Талевски

Македонецот кој извозе со велосипед од Италија до Норвешка

350 километри поминати на ден, 19 часа на велосипед, 5 часа во кревет, без придружба, на високи летни температури кои паднале до 5 степени, ама 13 дена по ред. Некој може ова само да го замисли, а на Игор му успеа без проблем, освен трите дупнати гуми, што е и нормално на толку возење.

Игор Талевски е алпинист веќе две децении и претседател на Македонската алпинистичка федерација, но пред се човек со јуначко спортско срце кој летово се надмина себе си. Тој на 28 јули со својот велосипед тргна од италијанското градче Арко кое се наоѓа на езерото Гарда, а на 10 август стаса жив и здрав во Норвешка.
 
Човекот со голема љубов кон планините годинава им се посвети на велосипедските трки, ама оние маратонските. Прво учествуваше на трка во Хрватска долга 1.450 км, а потоа успеа да направи три пати поголем подвиг. Се пријави на предизвикот наречен „Норт Кејп 4000“, ултрамаратон кој се вози од северна Италија до најсеверната точка од европскиот континент Северен 'Рт.
 
 
Се работи за авантура долга 4.350 км која се вози преку 11 земји. Задолжително се застанува само на четири контролни точки во четири градови, а остатокот е по желба и потреба на учесникот. Талевски оствари извонреден резултат и стигна 10-ти од вкупно 76-ца со време од 12 дена, 17 часа и 30 минути.
 
За Офф.нет го раскажа ова незаборавно искуство кое го има документирано со фотографии.
 
Стартната позиција во Арко
 
Како се случи да се пријавиш на оваа трка?
 
Подолго време ги следев ваквите трки, кои се на ултра долги должини и во кои возачите се целосно самостојни т.е. треба да се справат со секоја ситуација која ќе ги снајде од стартот до целта, сами и без поддршка од некаков тим позади нив. Звучеше како предизвик во кој се надминуваат психички и физички способности и сакав да се испробам. Секако, ми се допадна и од аспект на „патување“: никогаш не сум бил во некои од земјите низ кои минуваше трката и сакав да ја искористам шансата и да ги посетам, па макар и на минување.
 
 
4.300 километри или скоро 13 дена на велосипед преку 11 земји, брда, долини и планини. Нели ти звучеше тоа малку тешко и страшно за остварување?
 
Можеби звучи неверојатно, но во ниту еден момент овие бројки не ми звучеа страшни и тешки, туку напротив примамливи и инспиративни. Исто така мислам дека се набљудуваат од погрешен агол: кога во себе го имате времето на разно-разни секојдневни обврски, работни и животни, да, тоа изгледа тешко, но ако се замислите на стартната линија, откако ќе се означи стартот, не ви преостанува ништо друго освен да почнете да ги вртите педалите :) Треба да се сака тој концепт: да возите цел ден. Потоа, да поврзете неколку денови со возење по цел ден. Едноставно :)
 
 
Како изгледа една подготовка за ваков зафат?
 
Бев многу сигурен што сакам да правам и сите мои возења за време на релативно кратките подготовки од некои 4-6 месеци пред двете трки (околу еден месец пред оваа голема, јас учествував и на уште една трка, низ Хрватска со должина од околу 1450км), беа најчесто возења од најмалку 200-250 километри, потоа зголемување на 350км, 430км и потоа поврзување на денови со таа должина. Исто така, многу важно, постојано возењата ги правев сам, бидејќи и самите трки се такви. Многу е важно да знаеш да се справуваш со можните сопки кои би ти ги правел умот за време на возењето, но секако и да го следиш своето тело, да се грижиш за велосипедот - сам. Да излезеш рано наутро, често помеѓу 12 и 3 часот после полноќ, а да се вратиш подоцна, повторно во темница... Бидејќи сите тие работи се случуваат за време на трките и треба претходно да си ги искусил и да си подготвен што подобро.
 
 
Каков е редот/протоколот на ова патешествие, има ли правила, колку паузи правите, ве следи ли некој?
 
Откако ќе започне трката, секој возач вози согласно својата подготвеност. Нема правила, освен секако да се почитуваат локалните сообраќајни закони во државите низ кои се поминува (пример: забрането е возење по автопати, обврзно е да се застанува на црвено светло, стоп знак итн), ако се вози во ноќни услови, да се има добро предно и задно осветлување, а по можност и странично, обврска е носење на заштитна кацига... Што се однесува до возењето, секој сам вози максимално колку што може, одредувајќи сам кога ќе одмара, јаде и слично. Не не’ следи никој од аспект да понуди помош, но има апликација преку која може да не’ следи организаторот за да провери дали сме ги поминале коректно контролните точки, дали следиме траса како што треба и слично, но секако преку таа апликација не’ следи и јавноста која ги следи овие трки.
 
Втора контролна точка во Варшава
 
Каква е рутата, по автопат, скратени куси патчиња и дали има многу искачувања?
 
Во секоја трка е различно. Тоа што е скоро за сите исто е дека има контролни точки, а возењето помеѓу нив може да биде или преку патека која ја определил организаторот или пак во некои трк, возачите сами ја цртаат својата линија од почетокот до целта и низ контролните точки. Строго е забрането возење по автопат, а линијата може да биде преку различни патишта и патеки каде што е легално да се вози велосипед. Во однос на искачувањата, повторно, различно е секаде и тоа зависи од замислата на организаторот и релјефот на земјата низ која се минува.
 
Литванија по 6 дена и 6 часа возење
 
Имаш ли евиденција по колку километри и часови поминуваше дневно на велосипед и колку годишни времиња се сменија од Италија до Норвешка?
 
Имам прецизна евиденција, запишана во мојот ГПС уред, но сè уште не сакам „да го видам“ после ова возење :) Ја немам проверено, но нема да згрешам многу ако кажам дека просечно во возење имам поминувано околу 19 часа со вклучени паузи и околу 5 часа конкретно посветени на спиење. Тоа е релативно многу време за одмор, но како за прв пат, среќен сум од резултатот и би се посветил ова да го поправам во некое следно возење. Овие трки „ги добива“ тој кој најмалку спие реално :) Од аспект на километри, просекот ми беше по 350 километри на ден, а од аспект на временски услови, од Арко, па се’ до некаде можеби две третини од возењето температурите беа многу високи, летни и можеби карактеристични за појужните краишта, а веќе во последните денови, некаде низ Естонија, Финска и Норвешка, веќе имаше и дождливи периоди и температури до 5 степени целзиусови. Јас последниот ден, до целта возев околу 18 часа под постојан дожд со температури не повисоки од 8 степени.
 
Дождливо време во Финска
 
На што е најважно да се внимава откако ќе се тргне на едно вакво јуначко патување?
 
На сè :) Нема нешто „најважно“. Сè е подеднакво важно и тоа од самиот почеток до самиот крај треба сите коцки да се поклопат: треба вашето тело да издржи, треба психички да издржите, треба и вашиот велосипед да издржи. Потребна е постојана концентрација за време на целото возење, но иако ова звучи напорно, сепак не е (до толку) и се наоѓа можност да се ужива и во пределите низ кои се минува.
 
Четврта контролна точна во Финска
 
Какви искуства имаше по пат, имаше ли некакви проблеми, те фатија ли кризи за откажување?
 
Немав кризи со себе, бидејќи уживав во секој аспект на ова возење, а за среќа имав и само минимални технички ситуации со велосипедот: 3 дупнати внатрешни гуми, 1 оштетена надворешна гума и олабавување на задниот менувач.
 
Во Норт Кејп 18 часа на дожд
 
Кој ти е следен предизвик или дали воопшто може да има човек предизвик со велосипед после поминати 4.300 км во неполни 13 дена?
 
Постојат повеќе вакви трки, во разни земји и скоро на сите континенти. Би сакал да учествувам во некоја друга, од аспект како што споменав и на почетокот, покрај надминувањето на моите психички и физички способности, да можам да уживам во други предели и земји. Мислам дека не би ја возел истата оваа трка наскоро или пак ако се одлучам да ја возам, би ја возел само ако се задржи целосно истата линија како оваа година, а со цел секако да ја извозам побрзо. Не би можел сега да кажам конкретна цел, но ако барем едно слично вакво возење се реализира следната година, нешто помеѓу 2000-4000км, би бил пресреќен.
 
На целта
 
И како за крај, и на враќање ли го тепавте истиот пат на точак? :)
 
Кога би можел! :) Поради работни обврски сепак, за мене возењето заврши на целта. Инаку ќе беше совршено ако можев да се вратам по некоја друга линија назад.

Талевски на 1:17

Останати фотографии од трката и дел од убавините кои ги видел по пат.

31 август 2018 - 12:17