Јамајканецот Усеин Болт е старо-нов олимписки шампион. Најбрзиот човек на денешницата го одбрани златниот медал од Пекинг пред четири години и тоа со нов олимписки рекорд.
На стартот од финалната трка на 100 метри се појавија по тројца спринтери од Јамајка и Сад, Томсон од Тринидад и Тобаго и Мартина од Холандија.
По израмнетиот старт на трката, Болт се издвои по 50 метри и веќе никој не можеше да го достигне. Единствено непознато беше кој ќе го освои сребрениот медал за кој се бореа Гетлин, Геј и Блејк. На крајот среброто му припадна на Блејк, Гетлин ја освои бронзата, а Геј остана без медал за една стотинка.
На Олимписките игри во Пекинг го собори Олимпискиот рекорд со 9.69, а овој пат Болт го подобри овој рекорд со истрчани 9.63 секунди.
Дури седум спринтери завршија под 10 секунди, а несреќниот Асафа Пауел се повреди и трката ја заврши за 11.99.
1. Усеин Болт (Јамајка) 9.63
2. Јоан Блејк (Јамајка) 9.75
3. Џастин Гетлин (САД) 9.79
4. Тајсон Геј (САД) 9.80
5. Рајан Бејли (САД) 9.88
6. Шуранди Мартина (Холандија) 9.94
7. Ричард Томсон (Тринидад и Тобаго) 9.98
8. Асафа Пауел (Јамајка) 11.99