Каков луд финиш: Формула 1 доби нов шампион во последен круг од последната трка

После голема драма и неколку чудни одлуки, 24-годишниот Холанѓанец Макс Ферстапен успеа да го симне од тронот апсолутниот шампион Луис Хамилтон и да стане нов светски првак.

Неверојатната сезона која одново го врати сјајот на Формула 1 доживеа фантастична кулминација. Макс Ферстапен од Ред Бул е новиот светски шампион во Формула 1!

Пред последната трка во сезоната, во Абу Даби, лидери на табелата беа Луис Хамилтон и Макс Ферстапен со ист број бодови, нешто што не се гледаше често во историјата на патувачкиот циркус.

Холанѓанецот извози добри квалификации и од пол позиција ја започна трката.   

Стартот на трката најави што ќе се случува во текот на следните кругови. Луис Хамилтон реагираше маестрално и веднаш уште на првата кривина лукаво го помина Ферстапен и стекна предност на водечката позиција.

Следуваше нов нивен дуел на патеката, кога имаше и контакт, но дирекцијата на трката соопшти дека сè е регуларно зошто Макс бил премногу агресивен па Хамилтон по излетувањето надвор од патеката коректно ја вратил предноста при враќањето.

Макс набрзо отиде на промена на гумите, Луис Хамилтон реши да го стори истото, па Серхио Перез, клупскиот колега на Ферстапен од Ред Бул изби на прво место. Перез имаше задача да го успори, да го забави Хамилтон со цел Макс да го стигне и успеа во тоа.

По враќањето, Британецот даде сè од себе да го помине Перез кој беше со стари истрошени гуми но пружи голем отпор.

Луис успеа да го поврати водството на патеката и постепено ја зголемуваше предноста. Во 33 круг имаше дури +5 секунди со својот најбрзо извозен круг, но и Ферстапен не отстапуваше и исто возеше најдбори лични времиња.

Во следните 20 кругови гледавме рутинско возење во кое се менуваа позициите на пилотите зад водечката тројка.

Хамилтон доминираше до самиот финиш и веќе со една рака како да го допре шампионскиот пехар.

Но дирекцијата, раководството на трката на чело со Мајкл Маси реши да внесе возило на безбедност откако Николас Латифи удри во ѕид. Тоа беше контроверзен момент, затоа што во слични ситуации сезонава трките се прекинуваа.

После тоа дирекцијата одлучи пилотите кои имаат круг заостанување да не се вратат во ист круг за веднаш таа одлука да се поништи пред последниот круг во кој Холанѓанецот успеа да нагази и да го мине седумкратниот светски шампион.

Ферстапен од Ред Бул ја заврши сезоната со 395,5 бодови, осум повеќе од Луис Хамилтон кој најмногу ќе жали за пропуштената шанса во последниот круг да финишира како прв и да освои нова шампионска титула.

Британецот и неговиот тим имаат право да бидат разочарани од контроверзната одлука на дирекцијата, безбедносното возило да излезе на шест круга пред крај, а не да ја прекине трката како што беше случај повеќе пати сезонава.

Во последниот круг Макс Ферстапен успеа да го мине повеќекратниот шампион од Мерцедес и дојде до челната позиција за пехар кој ќе го памети цел живот.

Младиот Холанѓанец на тој начин ја прекина апсолутната доминација на Мерцедес која траеше од 2014. Макс Ферстапен стана и прв холандски шампион во Формула 1 и го врати Ред Бул на тронот првпат после осум години.

Ферстапен ја заврши сезоната со 10 триумфи, вкупно 17 подиуми а еднаш кога не беше на победничкиот престол, заврши како деветопласиран.

Хамилтон не успеа да ја освои осмата титула и да стане апсолутен самостоен рекордер зошто во моментов има ист број титули како и Микаел Шумахер.

Денешната трка беше воедно и последна во кариерата за легендарниот Кими Раиконен кој после 26 круга, речиси на пола трка заврши на претпоследно место.  

На подиумот на Ферстапен (ја помина целта со две секунди предност) и Хамилтон им се придружи и третопласираниот Карлос Сајнц-јуниор од Ферари. Шпанецот во финишот профитираше и искористи што Перез се повлече уште во боксот додека безбедносното возило беше на паткеата.

Четврти заврши Јуки Цунода од Алфа Туари, а петти неговиот клупски колега Пјер Гасли. Валтери Ботас во дргуиот Мерцедес беше шести, а седми Ландо Норис од Мекларен. Бодови освоија само уште Фернандо Алонсо и Естебан Окон од Алпина како и Шарл Леклер од Ферари.

Меѓу конструкторите Мерцедес уште еднаш ја освои шампионската титула, осма по ред, што ќе биде мала утеха за поразот на Хамилтон.

Следната сезона во Формула 1 почнува на 20 март 2022 година со трката за ГН на Бахреин.

12 декември 2021 - 16:17