Валентино Роси или Хорхе Лоренцо, кој ќе ја освои титулата?

И покрај тоа што на последната трка сезонава во Валенсија Роси ќе стартува последен поради инцидентот со Маркез минатиот викенд, Италијанецот има какви такви шанси да ја освои титулата. Што вели пресметката?

Еден од најдобрите на сите времиња во мотоциклизмот, седукратниот првак Валентино Роси во последната трка во Валенсија ќе стартува со седум бодови предност во генералниот пласман во однос на клупскиот колега Хорхе Лоренцо. Многумина би рекле совршена ситуација за докторот, но дали е навистина така?
 
По случувањата на трката за Големата награда на Австралија, а потоа и на стазата Сепанг во Малезија, Роси во Шпанија ќе започне последен. Тоа е резултат на казната која што му ја изрекоа од дисциплинската комисија на Мото ГП.
 
Во меѓувреме, Роси доби поддршка од сите страни на светот, а најзагрижените навивачи собраа преку 270.000 потписи во петицијата за укинување на казната на возачот на Јамаха. Првата жалба на Јамаха беше одбиена уште дента во Малезија.
 

Валентино Роси на 8ми ноември ќе мора да се надева на чудо со цел да ја сочува бодовната предност во однос на лутиот ривал и голем непријател иако се клупски колеги, Хорхе Лоренцо. Во случај Шпанецот и Италијанецот да завршат со ист број на бодови, титулата (трета во кариерата) ќе ја освои Хорхе Лоренцо поради поголемиот број на победи сезонава.
 
Поените во Мото ГП класата се делат по системот 25, 20, 16, 13, 11, 10, 9, 8, 7, 6, 5, 4, 3, 2, 1 поен. Валентино Роси во моментов има 312 бодови, а неговиот главен конкурент Лоренцо има 305. Токму Шпанецот сезонава само еднаш не ја заврши трката и тоа во Мизан кога падна во осмиот круг на патеката.
 
Еве го редоследот на места според кои Роси би ја освоил титулата:
 
- Лоренцо прв (25 поени), Роси мора да биде макар втор (20)
- Лоренцо втор (20), Роси мора да биде макар трет (16)
- Лоренцо трет (16), Роси мора да биде макар шести (10)
- Лоренцо четврт (13), Роси мора да биде макар деветти (7)
- Лоренцо петти (11), Роси мора да биде макар единаесетти (5)
- Лоренцо шести (10), Роси мора да биде макар дванаесетти (4)
- Лоренцо седми (9), Роси мора да биде макар тринаесетти (3)
- Лоренцо осми (8), Роси мора да биде макар четиринаесетти (2)
- Лоренцо деветти (7), Роси мора да биде макар петнаесетти (1)
- Лоренцо десетти (6), Роси е светски шампион.
 
Во Аргентина, на третата трка од шампионатот, Лоренцо заврши како петтопласиран и тоа беше најлошиот негов пласман сезонава. Четири пати заврши четврт. Од падот во Сан Марино, Лоренцо беше прв, трет, втор и втор. Во последните две трки голема помош имаше од Марк Маркез. Односот на победи меѓу Роси и Лоренцо сезонава е во корист на Шпанецот 6:4. Но, на последните четири трки победуваа возачите на Хонда, Дани Педроса и Марк Маркез.
28 октомври 2015 - 19:53