Во неверојатно неизвесно финале Италија направи пресврт и стигна до својата седма европска шампионска титула. Словенија трет пат изгуби во финале и ова им е трето сребро од европските собири. Никогаш не биле европски прваци.
Откако немаа добар настап на Олимписките Игри во Токио летово, италијанската одбојкарска федерација го замени селекторот Лоренцо Бленџини со Фефе Де Џорџи и тоа донесе историски успех.
Триколорите за првпат во историјата ја обединија машката и женска европска титула во само неколку недели, откако женската одбојкарска репрезентација на Италија пред само неколку недели во Белград во големо финале ја победи Србија.
Иако на Европското не дојдоа како први фаворити за златниот медал, избраниците на селекторот Фердинандо Фефе Де Џорџи како една од најмладите селекции, одиграа фантастична одбојка и го освоија континентот после 16 години. Најголема ѕвезда на турнирот стана 19-годишниот Алесандро Микиелето кој има разорен напад и кој доминираше прво против Србија во полуфинале па со Словенија во финале.
Бронзениот медал ѝ припадна на домашната Полска која што ја победи Србија 3:0 (25:22, 25:16, 25:22) во мечот за трето место.
ИТАЛИЈА - СЛОВЕНИЈА 3:2 (22:25, 25:20, 20:25, 25:20, 15:11)
Првиот сет во финалето траеше 30’ минути. Вториот 31’ минута, третиот исто 30’, четвртиот 29’, а петтиот решавачки 17’ минути.
Во финалето, Словенците прилично лесно го освоија првиот сет и поведоа во финалето а Италија возврати со иста мера и без поголеми проблеми го доби вториот сет за израмнување.
Во третиот сет гледавме права драма! Словенија имаше дури 20:17 во финишот но им дозволи на „аѕурите“ со неколку поени по ред да се вратат во живот и да израмнат 20-20. Тоа како да ги измотивира Словенците кои направија страшна серија од 5-0 и го освоија третиот сет за 2-1.
Најголема битка донесе четвртиот период во кој „змајчеки“ имаа водство од самиот старт но од резултатот 13-12 „аѕурите“ прават убедлива серија со пет поени по ред и рутински го добиваат четвртиот сет за 2-2!
Решавачкиот петти сет беше права драма. Словенците како и во претходните периоди, стекнаа предност но не ја сочуваа до крајот. Поведоа со 3-0 на почеток и кога се изгледаше дека златото им се насмевнува, Италија прави неверојатен пресврт и од позитива 10-7 не ја испушта предноста до крај за конечни 3:2 и нова европска титула!
За Италијанците ова е седмо европско злато а ја детронизираа Србија која го освои претходно Европско првенство.