ОИ Рио 2016

Им се прогледа ли низ прсти на американските атлетичарки?

Атлетичарките на САД беа дисквалификувани од натпреварувањето на 4х100 метри после неуспешната втора замена, но ИААФ им ја прифати жалбата и ќе трчаат повторно.

На Американките им се случи ист кикс како во квалификациите за ОИ во Пекинг кога Тори Едвардс не ѝ ја врачи штафетата на Лорин Вилијамс, само што тогаш ОК не ги помилува и беа дисквалификувани.

Иако беа едни од главните фаворитки за злато, Американките синоќа не се пласираа во финалето на ОИ, откако Алисон Феликс не успеа да ѝ ја врачи штафетата на Инглиш Гарднер. Гарднер ги трчаше третите 100 метри, вообичаено тргна порано, па Феликс наместо да ѝ ја врачи штафетата мораше да ја фрли се со цел измената да биде извршена во предвидено време и простор.

На видеото подоцна се виде дека Бразилката спринтерка имаше мал контакт со Алисон Феликс:

Очајно се обиде Гарднер да ја фати штафетата, но не им успеа и веќе беше јасно дека Американките нема да имаат прилика да го бранат златото освоено во Лондон 2012. година кога на неверојатен начин го срушија светскиот рекорд.

Сепак, по жалбата од САД, Меѓународната атлетска федерација (IAAF) ја усвои жалбата во која беше наведено дека Алисон Феликс била попречена од страна на бразилската спринтерка која трчаше до неа, така што Американките ќе трчаат повторно во 20 часот по локално време вечерва.

Ваквата одлука предизвика револт кај останатите натпреварувачи и навивачи кои бурно реагираа на социјалните мрежи и ја прашаа Меѓународната атлетска федерација дали би го сторила истото во случај да беше друга селекција во прашање. Најдобро време во тековните квалификации оствари Јамајка (Фејси, Форбс, Кембел-Браун и Фрејзер-Прајс) со 41,79 секунди, а втора беше Велика Британија со 41,93 секунди.

 

19 август 2016 - 14:21