Ѓоковиќ стана прв во историјата што ги освоил сите Мастерси

Српскиот тенисер конечно по пет обиди успеа да го освои Мастерсот во Синсинати, откако со 6:4, 6:4 го совлада Роџер Федерер и направи неверојатен подвиг со кој уште повеќе ја засили дебатата кој е најголем на сите времиња.

Во 2013 година Новак Ѓоковиќ имаше осум трофеи од девет вкупно турнири од серијата Мастерс - најпрестижна категорија во машкиот тенис после „Гренд Слем“. На Србинот му фалеше само титула во Синсинати каде до тој момент изгуби четири финалиња. Петтото финале во Охајо, Новак го загуби во 2015 - во својата веројатно најдобра тениска година во кариерата.

Два пати од овој трофеј Ѓоковиќ го оддалечи Ени Мареј а три пати Роџер Федерер.

Чекаше Новак, чекаше и на крајот дочека. 2018-та година ќе ја памети по историскиот подвиг - конечно го освои Синсинати и ги комплетираше сите Мастерси во кариерата, нешто што не му пошло од рака на ниту еден тенисер во историјата.

Новак го победи Федерер во големото финале 6:4, 6:4.

***

Ѓоковиќ е првиот во историјата на Мастерсите (кои почнаа во 1990 година) кој ги освоил сите девет титули во оваа категорија.

Сите освоени Мастерси на Новак Ѓоковиќ: Мајами (2007, 2011, 2012, 2014, 2015, 2016), Монтреал - Роџер Куп (2007, 2011, 2012, 2016), Индијан Велс (2008, 2011, 2014, 2015, 2016), Париз (2008, 2013, 2014, 2015), Рим (2008, 2011, 2014, 2015), Мадрид (2011, 2016), Шангај (2012, 2013, 2015), Монте Карло (2013, 2015) и Синсинати (2018).

Неговото достигнување е уште поголемо ако се знае дека ниту Федерер ниту Надал не стигнале уште до осум Мастерси: На Роџер му фалат Монте Карло и Рим (по четири изгубени финалиња на двата турнири), а на Рафа му фалат Мајами (пет изгубени финалиња)и Париз (пораз во финале).

Најблизу до Новак е Иван Лендл кој во 80’ години освоил девет трофеи но тоа се случило кога уште не била Мастерс ерата.

Во епоха кога играат тројцата највеличествени тенисери во историјата, Новак веќе втор пат успева да направи нешто што не им тргнало од рака на Федерер и Надал (во 2014-2015 Новак ги освои сите четири Гренд Слема по ред).

Притоа Новак има две победи повеќе во меѓусебните дуели со двајцата. Дебатата за тоа кој е најголем на сите времиња сега ќе стане уште поголема. 

***

Во големото финале, Ѓоковиќ победи откако идеално го користеше оружјето кое обично му носи победи на Федерер - доминираше во кратките поени - освои 14 повеќе од Федерер (49 наспроти 35).

Вториот сервис Новак го крена до 78% успешност а интересно овој елемент беше најслаб во неговата игра во полуфиналето против Марин Чилиќ.

Од друга страна Роџер имаше многу слаба вечер.

Од задната линија Федерер синоќа многу грешеше, особено со форхенд. Се испостави дека неизбежно ќе му се повтори Мајами 2009, кога не можеше против Ѓоковиќ и кога првпат после долго време го искрши рекетот.