Фетел против Ред Бул до првиот триумф

Актуелниот шампион во Формула 1, Германецот Себастијан Фетел триумфираше на трката во Малезија, а зад него се пласираше неговиот тимски колега Марк Вебер. На третото место финишираше Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес.

До 27-та победа во кариерата Себастијан Фетел дојде откако на 10 круга пред крајот го претекна Вебер кој беше во водство во поголемиот дел од трката. Тие добија наредба да се штедат, но Фетел не ја послуша наредбата и го претекна тимскиот колега.

По трката Фетел му се извини на Вебер и на својот тим за непочитувањето на наредбата и затоа што му ја украде победата на Вебер.

Трката на патеката Сепанг во Малезија ја одбележаа и раното откажување на Алонсо, како и влегувањето во боксот на Хамилтон кој заборави дека веќе не вози за Мекларен.

На четвртата позиција заврши Розберг од Мерцедес кој не доби дозвола да го претекне Хамилтон.

Резултати:
1. Себастијан Фетел - Ред Бул 1:38:56,681
2. Марк Вебер - Ред Бул +4,298
3. Луис Хамилтон - Мерцедес +12,181
4. Нико Розберг - Мерцедес +12.640
5. Фелипе Маса - Ферари +25.648

Генерален пласман на возачи:
1. Себастијан Фетел - 40 поени
2. Кими Раиконен - 31
3. Марк Вебер - 26
4. Луис Хамилтон - 25
5. Фелипе Маса - 22

Генерален пласман на конструктори:
1. Ред Бул 66
2. Лотус 40
3. Ферари 40
4. Мерцедес 37
5. Форс Индија 10

24 март 2013 - 13:13