Откако го загуби најдолгиот меч на најпрестижниот турнир, зашеметениот Николас Мау сакал што побрзо да избега во соблекувалната, но морал да почека на церемонијата со сликањето покрај семафорот кој го покажуваше резултатот и времетраењето на мечот.
На теренот 18 покрај семафорот, Мау се сликаше со најпознатиот судија Мохамед Лајани и победникот Џон Изнер, кои беа насмеани. За разлика од нив, нервозниот Мау изгледаше скиснат и во тој момент попрво би избегал дома, отколку да стои после 11 часа тенис за три дена.
Кога месецов му ја покажаа фотографијата за време на турнирот во Квинс, Мау се насмеа и изјави:
„Не бев насмеан? Ќе ви ја кажам вистината. Не се ни сеќавам на тој момент. Гледав видеа и слики, но не памтам што се случуваше. Не памтам ништо после меч поенот на крајот“, изјави 33-годишниот Никола Мау.
Поразот од Изнер беше само уште еден во низата лоши резултати за Мау. Во 2007. година имаше меч топка на Квинс против Енди Родик, но загуби. Во 2013. играше финале во двојки на Ролан Гарос пред домашната публика, но со Михаел Љодра загубија од браќата Брајан.
„Иако го загубив маратонот против Изнер, научив многу за себе како играч и личност. После сè што ми се случи на тој меч, сега можам да играм секаде и во сите услови, а тоа им значи многу на тенисерите. Долго време после мечот бев горд на себе, затоа што сфатив дека можам да се борам. Претходно не знаев колкав борец сум и голема е разликата да мислиш дека можеш и навистина да можеш“, вели Николас Мау.
Французинот го играше маратонскиот меч на 28 години, кога многу тенисери веќе имаат неколку освоени трофеи, но тој тогаш беше 148-ми на ранг листата и мораше да игра квалификации за да се пласира на Вимблдон.
Денес Николас Мау има три титули, сите освоени по 2010. година а годинава дебитираше и за француската Дејвис Куп репрезентација. Во Франција тенисот е омилен спорт и да се игра за репрезентацијата е нешто свето, пишува БиБиСи.
„Иако знаев дека сум добар лузер и дека типично француски ги губам мечевите во драматична завршница, си реков добро е, близу сум да направам нешто големо“, вели Мау.
Ждрепката за Вимблдон во 2011. година повторно го спои со Џон Изнер, но за разлика од 2010. година, Американецот лесно го доби мечот со 3 сета. Во 2012. година Николас Мау го победи Енди Мареј на Квинс и тогаш изјави дека тоа е негова најголема победа во кариерата.
Во мај 2014. година стана 37-ми на ранг листата, а годинава заедно со Пјер-Хјуз Херберт стигна до финалето на Австралија Опен. Пред две недели Мау по втор пат ја освои титулата во Ден Бош. Вкупната заработка на Мау во кариерата е 4,8 милиони долари.
Од друга страна, Џон Изнер изјави дека после епскиот меч станал близок пријател со Мау и дека семејно се дружат. Желба на Мау е пред крајот на кариерата да заигра во двојки со Џон Изнер.
„Мау е прекрасен човек. Сигурно ја заслужи вајлд-картата за годинешниов Вимблдон. Мислам дека двајцата треба да добиеме доживотно вајлд-карти затоа што и во 2200. година ќе се зборува за нашиот меч на кој немаше победник. Според мене тогаш победивме и двајцата“, констатираше 17. рангираниот Џон Изнер кој во првото коло ќе игра против Јапонецот Го Соеда.
Сè што треба да знаете за Вимблдон 2015. овде.