Филипинецот кој ја заложи куќата за да стигне до Сочи

Првиот Филипинец на Зимски Олимписки игри кој тренира уметничко лизгање на имповизирано лизгалиште во подрум на трговски центар, бил приморан да ја заложи куќата на мајка му за да го исполни својот сон во Сочи.

Во целата земја која има скоро 100 милиони жители, има само три импровизирани лизгалишта. Едно од тие се наоѓа во подрумот на трговскиот центар каде Мајкл Кристијан Мартинез за прв пат се заљубил во овој спорт кога имал девет години.

Мајкл имал проблеми со астма и морал да прекине да тренира фудбал, па решил да се преориентира во уметничко лизгање. На лизгалиштето во трговскиот центар тренирал само еднаш неделно, но тоа било доволно за да го развие својот талент.

Неговата мајка била убедена дека Мајкл има голем талент, па побарала финансиска помош од властите на Филипини, но не ја добила. Затоа таа решила да ја заложи својата куќа и да го финансира патот на Мајкл во САД каде тој прв пат одржал тренинг со професионален тренер.

Пожртвуваноста на неговата мајка се исплатела. 17-годишниот лизгач минатата година го освои петтото место на Светското јуниорско првенство и влезе во историјата на Зимските Олимписки игри откако стана првиот човек од Југоисточна Азија кој се квалификувал за едно вакво големо зимско натпреварување.

12 февруари 2014 - 08:50