Борко Ристовски, некогашната ракометна легенда на Вардар и македонската репрезентација, уште еднаш го потврди неговиот став изнесен од поодамна, дека легендите не треба да рекламираат обложувалници, казина, брзи кредити и друго.
Ристовски додаде дека веќе е обавен разговор со голем дел од оние поради кои и претходно даваше изјави и дека тие се сложиле да не промовираат работи кои воопшто не се во интерес на развивање на спортската свест во земјава.
„Да појаснам дека ние немаме против против ниту една компанија да инвестира во спортот без разлика на нивната дејност, но не сакаме легендите да се истакнуваат во рекламите за обложувалници, казина или за брзи кредити. Нашата забелешка беше во таа насока. Веќе имавме разговори со сите спортисти кои рекламираа вакви фирми и направивме џентлменски договор со нив. Можам да потврдам дека Горан Пандев повеќе нема да ја рекламира обложувалницата што ја рекламираше, истото важи и за Игор Стефановски-Иџе и за Кирил Лазаров, кој веќе некое време престана да го прави тоа. Се надевам дека сите овие личности ќе ги видите од другата страна како промотори на вистинските вредости“, вели Ристовски.