Бешикташ се прошета низ Скопје, нов пораз за Металург

Иако Бешикташ важеше за фаворит на овој меч, се очекуваше Металург да пружи поголем отпор и да биде тврд орев. Наместо тоа тимот од Автокоманда не најави дека излегол од слабата форма која трае од стартот на натпреварувачката сезона.

Речиси исто како и на гостувањето кај Спортинг во Португалија во првото коло, така и вечерва на премиерниот меч пред своите гледачи во Лига на шампиони, Металург играше добро 20-ина минути а потоа како да падна.

Од почетокот на мечот Томовски имаше неколку добри реакции а Мице Шилегов го отвори резултатот со гол од пенал добиен благодарение на Лазаревски.

Турскиот шампион експресно брзо направи 1-3 но домаќинот не допушти резултатско бегство и израмни. Од тој момент и двете страни некако влегоа во период на многу технички грешки.

На средината од првиот дел најдобриот играч на Металург, Јагањац со два ефектни гола беше најзаслужен за серијата од 3-0 со која момците на Брестовац поведоа 12-12 но Бешикташ смогна сили на одмор да замине со предност од 13-14.

Вториот дел Металург го започна со гол за реми но Бешикташ беше цврст во намерата да ги однесе бодовите од Скопје и ја започна офанзивната серија која резултираше со позитива од +4 (17-21).

Во финишот Јагањац стигна до седум гола на своето конто и успеа да ги спушти гостите на 19-22 и тоа беше сè што момците на Брестовац беа во можност да го сторат.

На крајот конечни и убедливи 22-30 за Бешикташ во чии редови најефикасен беше Марко Лисица со седум погодоци а Немања Прибак даде три. Кај македонскиот вицепрвак седум гола запиша Јагањац, Токиќ даде четири а Димитровски три.

Во следното коло Металург пак ќе ја има домаќинската улога, против словачкиот шампион Татран Прешов.

23 септември 2018 - 18:57