Министерството за надворешни работи, преку македонската амбасада во Канбера, реагирала до австралиските власти и до организаторот на Австралија опен, за чудната одлука поврзана со македонското знаме на турнирот.
„Добивме уверување дека се работи за ненамерен пропуст, техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот“, информираа од МНР.
Организаторот на Австралија опен појаснил дека според правилата, на трибините за време на натпреварите дозволено е да се веат само знамиња на учесниците и дека македонското било истакнато за време на квалификацискиот меч на нашиот претставник Лина Ѓорчевска.
Фејсбук страната „Macedonian Coalition“ вчера објави фотографија со знамиња закачени кај снимателите на Австралија Опен, кои не смејат да ги фатат во кадар.
Македонското знаме се најде во друштво на знамињата на Русија, Белорусија, Израел, Палестина и Тајван.