Американците главни во атлетика

На 12-от ден од Олимписките игри во Лондон беа распределени медалите во 16 дисциплини, а четири од нив во атлетика и тоа три златни за Американците. Тие до сега само во атлетските дисциплини имаат освоено 16 медали.

Единствениот златен медал кој вечерва не го освои атлетичар од САД е златото од женската трка на 400 метри со пречки. Овој медал ќе патува во Русија кај Наталија Антјук која патеката ја истрча за 52.70 секунди. Среброто го освои Димус од САД, а бронзата и припадна на Хејнова од Чешка.

Двајца Американци беа најбрзи на 110 метри со пречки. Златото со време 12.92 секунди му припадна на Арис Мерит, а сребрениот медал го освои Џејсон Ричардсон. На третото место заврши Парчмент од Јамајка.

Најбрза на трката на 200 метри беше Алисон Феликс која патеката ја истрча со време 21.88 секунди. На второто место заврши Прајс-Фрејзер од Јамајка, а трета е Џетер од САД.

Американка го освои и златото во скок во далечина. Тоа е Бритни Рис која скокна 7,12 метри. Елена Соколова од Русија го освои сребрениот медал, а носителка на бронзениот медал е Делоуч од САД.

8 август 2012 - 23:01