Вардарки поведоа со 2:1 во стартните минути од полуфиналниот меч во Будимпешта, но тоа практично беше нивното единствено водство на целиот натпревар. Будуќност одговори со серија од 3:0 и од тие моменти го имаа мечот под контрола.
Во 10 минута Црногорките имаа предност од три гола разлика, а во 18 минута имаа двојно водство од 5:10. Нашите ракометарки влегоа во многу лоша криза и од 13 минута од натпреварот како да фрли некој магија на противничкиот гол.
Од тој момент ЖРК Вардар не успеа да постигне гол се до последната минута од првото полувреме или нецели 17 минути. Делуваа неорганизирано во напад, без течни акции и шутираа од неизградени позиции.
Во периодот од 18 до 26 минута на семафорот стоеше истотиот резултат, затоа што и ракометарките на Будуќност не реализираа. Тие потоа поведоа со највисокои +6, а Дембеле го разби малерот по неверојатно лошата серија на нашиот тим и на полувреме беше 6:11.
Но во второто полувреме на паркетот се појави еден друг Вардар кој не се откажуваше од пласманот во финале. Во првите 15 минути Будуќност ја одржуваше солидната предност, но избраничките на Кастратовиќ влегоа подрско и направија серија од 4:0 за само -1 негатива во 50 минута.
Натпреварот од тој момент влезе во голема неизвесност, а најзаслужна што Црногорките не успеаа да се одлепат резултатски е фантастичната Лено која целосно го покри голот на Вардар. Нашите ракометарки немаа среќа и пропуштија 5-6 напади за израмнување, а тоа конечно го стори Пино на три минути до крајот за резултат 16:16.
Завршницата од мечот беше драматична, а нашите ракометарки имаа меч топка, но само 10 секунди напад во кои не успеаа да реализираат. Во продолженијата од мечот Будуќност направи предност од три гола која Вардарки успеаа да ја анулираат, но во финишот Црногорките беа поупорни и стигнаа до финале со победа од 22:20.
Во утрешното финале Будуќност ќе се судри со Ѓер кој во другото полуфинале беше подобар од Митјиланд, а Вардарки ќе играат натпревар за трето место против данскиот состав.