Поради повредата на задната ложа, капитенот Кире Лазаров го пропушти последниот меч а селекторот Раул Гонзалес се одлучи на негово место да влезе Гоце Ојлески кој немаше минути на ЕП. Одмораше и Борко Ристовски па на голот се најде Никола Митревски.
Нашите момци и покрај недостигот на мотивација, емотивно испразнети по шокантниот пораз од Чешка, влегоа храбро против големиот ривал. Данска, неочекувано започна со најсилен состав иако се знаеше дека влегува во полуфинале.
Во резултатски егал, Скандинавците првпат се одлепија на +2 во 14' минута кога беше 6-8 а набрзо и 7-9. Тогаш одговорноста ја презедоа Талески и Митревски и Македонија брзо се врати на 9-9. Одличната игра во одбраната и организираниот напад овозможија на полувреме да се замине со резултат 12-12.
По паузата, Стоилов отвори со гол и наша минимална предност, но Данска возврати фуриозно и со серија 4-0 отиде на 13-17. На 20 минути пред крајот Данцие драстично се одлепија, а нашите репрезентативци едвај чека мечот да заврши. Во 58' минута ненаситните Данци водеа 18-30 а мечот заврши 20-31, идентично како дуелот со Шпанија.
Филип Кузмановски кој воопшто не влезе против Чешка на клучниот меч, вечерва блесна со шест гола а Стоилов и Манасков дадоа по чети.
На крајот Македонија го заврши Европското со учинок од два триумфи, три порази и едно реми. Во убаво сеќавање ќе ни остане магичната игра од Загреб, а она од Вараждин ќе биде како поука.