Актуелниот унгарски шампион Веспрем, екипа која два пати го совлада Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите ќе му биде противник на Кире Лазаров во финалето на ЛШ. Унгарците со 31-27 го совладаа сега веќе поранешниот шампион Кил. Мечот го судеше македонската двојка Ѓорѓи Начевски - Славе Николов.
Иако Кил далеку подобро го отвори натпреварот и во три наврати имаше три гола предност, Унгарците ја стабилизираа одбраната и фатија приклучок па на полувремето се замина со 13-13.
Веќе во вториот дел, Веспрем направи убедлива серија од 3-0 и го презеде водството. Во 49' минута од средбата, Унгарците веќе водеа 27-21 и носени на крилата на големата поддршка во Келн ставија точка на мечот кој заврши 31-27.
Србинот Момир Илиќ вообичаено прв стрелец кај Веспрем, а воедно го премина и нашиот Лазаров на листата најдобри стрелци сезонава во ЛШ. Илиќ постигна 8 погодоци а имаше и 4 асистенции. Феноменална партија пружи и Ласло Наѓ, кој заедно со Иванчик постигнаа по седум голови.
Хрватскиот репрезентативен голман, Мирко Алиловиќ запиша 14 одбрани, од кои 11 во второто полувреме. Кај Германците, Арон Палмарсон беше најефикасен со девет голови, а Шпанецот Кањелас пет пати ја погоди мрежата на Веспрем.