Кога во данскиот град Хернинг беа извлечени паровите за баражот за пласман на СП во Катар, два дуели предизвикаа најголемо внимание: Германија - Полска и Грција - Македонија. Нашата селекција лесно ги пројде Грците со две победи (27:25, 35:23), по што обезбеди пласман во групата во која ќе има стари балкански познаници, Хрватска и БиХ, како и Австрија, Тунис и Иран.
„Нашата амбиција е да влеземе во четврт-финалето. Во групата Хрватска е фаворит број еден, а сите останати селекции се со изедначен квалитет. Целта е да бидеме втори или трети во нашата група“, изјави Живко Мукаетов, претседателот на РФМ.
Катарците потенцираат дека екипата е предводена од лидерот Кирил Лазаров, национален херој и најдобар стрелец на СП 2009 во Хрватска и на ЕП 2012 во Србија. Сајтот наведува дека нашата игра најмногу зависи од расположението на капитенот Лазаров.
Во статијата пофално се зборува и за Ивица Обрван, селекторот кој во 2013. година го замени Звонко Шундовски и успеа да направи хемија меѓу играчите од двата најголеми македонски клуба, Вардар и Металург. Со враќањето на Наумче Мојсовски после повредата, натурализираниот Ренато Вугринец и Дејан Манасков на крило, целата нација ги смета за реални аспирациите за Олимпијадата во Рио следното лето.
„Сакаме да покажеме дека сме способни да играме во следната фаза. Ова е трето СП за нашата генерација, имаме искуство зад себе, а тоа го покажавме на претходните ЕП во Србија 2012 и претходно СП 2009 во Хрватска. Тогаш ни фалеа гол-два да одиме уште подалеку“, вели Наумче Мојсовски.
По успесите на клупски и репрезентативен план, ракометот неспорно е спорт број еден во Македонија.
„По секоја победа, навивачите слават заедно со нас, а заедно и тагуваме после поразите. Ракометот во Македонија се следи со големи емоции и тоа што Вардар и Металург го направија во Лигата на шампионите е уште една потврда дека имаме успех во овој спорт“, заклучува Мојсовски.
Сајтот qatarhandball2015.com посебно внимание обрнува и на македонската Фаланга, верната публика која секогаш ги полни салите.
„Интересот за ракометот кај младите генерации почна нагло да расте по успесите на сениорите на СП во Хрватска и ЕП во Србија кога бевме петти. Ништо од тоа немаше да го постигнеме без нашите верни навивачи, кои нè следеа насекаде“, констатира претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
Нашата репрезентација во петок од 15:00 отвора против селекцијата на Тунис, во рамките од 1. коло во групната фаза.
Ракометна репрезентација на Македонија:
Учества на СП: 1999 (18 место), 2009 (11), 2013 (14), 2015 (/)
Учества на ЕП: 1998 (12), 2012 (5), 2014 (10)
Учество на Олимпијада: /
Квалификации за СП Катар: победник во двомечот против Грција
Селектор: Ивица Обрван
Клучни играчи: Кире Лазаров, Ренато Вугринец