Вардарки против старите познаници во ЛШ

Европскиот вицешампион во женска конкуренција, Вардар вечерва на ждрепката во Словенија ги доби противниците за новата сезона од Лигата на шампионите.

Во првата фаза од елитното друштво, Вардар ќе игра против Ларвик, ФТЦ Будимпешта и квалификант (најдобриот тим од квалификациската група 2 каде се Турингер, Хорс, Хипо и Атлетико Гуардес).

Групата на прв поглед не делува нималку лесно затоа што Ларвик е еден од европските великани во женскиот ракомет а ФТЦ Будимпешта од година во година стреми кон врвот.

И покрај тоа, ракометарките на Вардар не би требало да имаат проблем како првопласирани да ја минат групата и одново да фаќаат залет за Фајнал Форот каде би се бркала првата историска титула која им избега во мај во Будимпешта.

Добра околност за црвено-црните е што во главната фаза нема да се сретнат со главните конкуренти за тронот, шампионот Ѓер и романскиот ЧСМ Букурешт, затоа што ако пројдат понатаму ќе вкрстат со групата Д каде главен фаворит е Будуќност кој во новата сезона ќе игра без носителите на играта Кристина Неагу, Катарина Булатовиќ и Драгана Цвијиќ.

ГРУПА А: ЧСМ Букурешт, Никобинг, Крим Меркатор, Висла Гдиња.

ГРУПА Б: Ѓер, Ростов, Митјиланд, Брест.

ГРУПА Ц: ЖРК Вардар, Ларвик, ФТЦ Будимпешта, Квалификант од група 2.

ГРУПА Д: Будуќност, Мец, Битегхајм, Квалификант од група 1.

30 јуни 2017 - 21:44