Вардар верува во чудо против Висла Плок

Ракометарите на Вардар во сабота од 20:15 го играат реваншот со Висла Плок, на кој ќе мора да бркаат негатива од шест голови. Раул Гонзалес вели дека неделава малку зборувале, а многу работеле на исправување на грешките.

Македонската ракометна публика била сведок на големи пресврти, а тоа им дава надеж и на ракометарите на Вардар дека можат да одиграат вечер за паметење. Нема што многу да се филозофира, црвено-црните треба да бркаат шест голови, што не е малку особено ако се има предвид дека Висла Плок сезонава одлично игра и на гостински паркет.

„Го играме можеби најважниот натпревар за нас сезонава. Не е спорно дека одигравме лошо во Полска и мора да се поправиме во реваншот доколку сакаме пласман понатаму. Тренираме добро цела недела и немаме повредени играчи“, видно потиштен го почна денешниот прес Раул Гонзалес.

Иако најмногу стравуваа од високите и силни бекови на Висла, Вардарци мака мачеа со крилата на полскиот тим, кој дадоа речиси половина од головите на првиот натпревар во Плок.

„Ситуацијата е крајно лоша и не бегаме од тоа. Донесовме слаб резултат од Полска, екипата на Висла се надмина себеси, а ние одигравме многу лош натпревар. Целта и натаму е пласман на Фајнал форот, затоа што местото ни е таму. Оваа фаза не трпи лош ден и мислам дека дури и добро поминавме со шест голови негатива. Во сабота мора да наметнеме наш стил и стрпливо да го градиме резултатот. Секојдневно ни стигнува поддршка од сите страни и тоа многу ни значи. Верувам дека со Комитите можеме до историска вечер за паметење“, самокритичен беше Филип Лазаров, кој изјави дека екипата е спремна да оди на сè или ништо.

Натпреварот Вардар - Висла Плок се игра во сабота од 20:15, а од клубот соопштија дека сите влезници се продадени и апелираат до секој што поседува карта да не доаѓа со деца, затоа што капацитетот е исполнет до последното место, а право на влез ќе има само оној кој поседува влезница.