Лига на шампиони

Вардар убедлив на отворањето на европската сезона

Ракометарите на македонскиот шампион Вардар надмоќно победија на гостувањето во Шведска против Кристијанштад 23:28 (12:15) и ги заокружија првите бодови во новата сезона во Лигата на шампионите.

Десеттата јубилејна сезона во групите од Лигата на шампионите ракометарите на Вардар ја отворија со победа, откако втор пат по ланскиот триумф со победа се враќаат од Шведска.

Почетните 11 минути оставија сомнеж дека Вардар попладнево против Кристијанштад ќе има лесна работа. Не одеше ниту напред, ниту позади, одбраната беше порозна, домаќинот поведе 7:4 и еуфорично ја одржуваше предноста.

По тајм-аутот на Раул Гонзалес во игра влегоа Марсениќ, Борозан, Шишкарев и Душебаев и работите тргнаа во корист на Скопјани кој после 16-та минута израмнија на 7:7 а набрзо ја крунисаа пеколната серија и поведоа 7:9. Во еден момент Вардарци поведоа и со четири гола предност, но домаќините до паузата успеаа да намалат и „Црвено-црните“ на одмор отидоа со 12-15, сосема доволна предност за мирно второ полувреме.

На самиот старт на вториот дел со погодоците на Чупиќ и Душебаев, Вардар стекна највисока предност на натпреварот. Семафорот тогаш покажуваше 12:17. Швеѓаните искористија пад во концентрацијата кај нашиот шампион па во еден момент со двајца играчи поеќе се приближија на -2 гола разлика, но немаа доволно сили за пресврт.

Во 53-та минута од мечот, Шишкарев го однесе Вардар на целосно заслужено водство од шест голови предност и прашањето на победникот веќе беше решено. Голманот на Кристијанштад, Црногорецот Симиќ бранеше одлично и беше најдобар поединец на мечот, но ниту тоа беше доволно да се сопре Вардаровата машина која на крајот славеше 23-28.

КРИСТИЈАНШТАД 23-28 ВАРДАР (12-15)

РК ВАРДАР: Македа 1, Карачиќ 5, Душебаев 7, Канелас 3, Чупиќ 1, Дибиров 2, Шишкарев 3, Борозан 2, Марсениќ 3, Циндриќ 1, Абутовиќ, Стоилов, Фереира Мораеш, Деревен; голмани Штербик 15 одбрани, Милиќ

КРИСТИЈАНШТАД: Липовац 1, Арнарсон 1, Хенингсон 7, Соренсен 2, Моен Нилсен 1, Лагергрен 3, Толбринг 3, Јонсон 3, Татаринцев, Хален, Ханиш 1, Моберг, Шустер, Ларсон; голмани Симиќ 19 одбрани, Ларсон