Ракометна Лига на шампиони:

Вардар преку драма во четвртфиналето од Лигата на шампионите!

Два црвени картони, врвен ракомет, многу промени во резултатот, ерупција во Јане Сандански и Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите е епилогот на вечерашниот реванш против Висла Плок.

Црвено-црните го отворија мечот со голот на Лука Циндриќ, но за три водства на Вардар едно по друго одговор имаше Дмитриј Житников кој со три гола ја одржуваше Висла на стартот.
 
До плус два Вардар првпат дојде во 9. минута кога поведе 5:3 со голот на Шишкарев.
 
Само две минути подоцна се разгоре вулканот во Јане Сандански, затоа што Штербик одбрани тешки удари два пати по ред, а во следниот напад на Вардар гостинскиот играч Тиаго Роха доби црвен картон поради тежок фаул над Циндриќ. Преку расположениот Тоскиќ, Вардар ја чуваше предноста од два гола во 13-та минута, а наскоро Душеабеав ги донесе највисоките +3 (8:5) на истекот на 15. минута.
 
Неверојатниот Дмитриј Житников постигна пет од првите шест голови за Полјаците и беше најзаслужен што гостите резултатски сè уште беа во игра. Иако Штербик одбрани што можеше да одбрани, неговите соиграчи не реализираа три напади по ред.

Падот на концентрацијата и мини кризата кај македонскиот шампион ја искористи дури и гостинскиот голман кој погоди од гол на гол во 19. минута за 9:9. Гостите до првото водство стигнаа во 25. минута кога со голот на Михал Дашек поведоа 11:12.
 
Пеколната атмосфера кулминираше во 28. минута кога Илија Абутовиќ доби црвен картон, по што домашната публика потсети што мисли за европската ракометна федерација (ЕХФ). Романецот Гионеа даде гол за водство од два гола на Висла (13:15), а пред истекот на полувремето, Тоскиќ во последната секунда постигна гол после фаулот но судиите не го признаа и навивачите на Вардар реагираа бурно но на пауза се замина со последната промена на семафорот, 13:15.
 
Ништо подобро по македонскиот првак не започна ниту вториот дел, затоа што Никчевиќ ѝ донесе на Висла највисоката предност од три голови (13-16).
 

Во 39. минута Петар Ангелов - Диви влезе наместо Штербик да одбрани пенал и повторно да го распали вулканот во Јане Сандански. Тоа подоцна се испостави како клучен детал на мечот.

Во следниот напад Тосиќ реализираше за 18:19 и од тој момент цела сала станата на нозе го следеше натпреварот. Дибиров имаше можност да го израмни резултатот, но Коралес со шестата одбрана ја сочува предноста на Висла. Русинот во следниот напад израмни на 19:19. Брумен промаши пенал, но топката се одби до Карачиќ и Вардар одново ја врати предноста од еден гол.

Со седмиот гол, вечерва одличниот Алем Тоскиќ го држеше тимот кога ништо не поаѓаше од рака, но Житников од другата страна беше целосна енигма за одбраната на Вардар. Еден од најубавите моменти на мечот се случи во 50. минута кога Алекс Душабеав скрати една долга топка на противникот, сам помина неколку играчи и реазлиразше за 23:23 и нова неизвесност во салата.

Во последните пет минути се влезе во тотална неизвесност, затоа што семафорот покажуваше 24:24. Следуваше драмата кога Игор Карачиќ го промаши првиот, а вкупно четврт промашен пенал за Вардар вечерва.

Ерупција во Јане се случи на три минути пред крајот кога Тимур Дибиров истрча една контра и му донесе на Вардар драгоцено водство од 25:24, а Штербик му одбрани зицер на Иван Никчевиќ кога настана мал земјотрес во салата при прославата на пласманот во четвртфиналето.

Најефикасни кај Вардарци беа Алем Токсиќ кој даде 8 голови и буквално сам ги доби сите дуели против одбраната на Висла. Карачиќ и Душебаев дадоа по 4 гола, а кај гостите водечки стрелец Житников со 7 голови.