Вардарци фантастично го почнаа мечот, поведоа со високи 3-0, набрзо и 4-1 па со одбрана на високо ниво и солиден напад ја одржуваше позитивата до 20' минута.
Капитенот Стоилов беше најзаслужен за ова водство затоа што влезе во гол-серија. Гостите никако не успеваа да го најдат патот до мрежата на македонскиот првак - цели 6 минути пробуваа да го дадат првиот гол. Имаа три стативи и неколку промашени зицери.
По тие воведни моменти, Монпеље, клубот кој на една година ја прекина европската шампионска доминација на Вардар, се врати резултатски и првпат на мечот поведе со 8-9 и 8-10.
Младата надеж и светла иднина за македонскиот ракомет, Марко Кизиќ одбрани неколку тешки топки и придонесе Вардар да се врати на 12-12. Сепак Французите на паузата отидоа со гол позитива (13-14). На полувремето Стојанче Стоилов зад своето име имаше 5/5.
Гостинот кој беше фаворит на овој меч поради добро познатата ситуација во Вардар, вториот дел го почна далеку позаангажирано и се одлепи на 3 гола предност (17-20).
После десетина минути резултатска брканица, домаќинот се приближи на само гол негатива во 27 минута (27-28) но Монпеље демонстрираше зошто е сериозен ривал и експресно избега во ново водство од 3 гола.
На крајот конечни 27-31 за Монпеље.
Најдобар поединец кај Вардар беше Стоиов со дури 7 гола од 9 обиди. Горбок на своето конто запиша 6 гола, а Иван Чупиќ броеше до 5. Марко Кизиќ го заврши мечот со 9 одбрани.
Речиси е извесно дека Вардар во 1/8 финалето ќе се судри со унгарски Пик Сегед кој во последното коло има ист број на бодови со ПСЖ. Французите го пречекуваат Загреб и тука ги очекува лесен меч, а Пик Сегед оди кај Барселона. Во случај Унгарците да направат изненадување, Вардар ќе го чека дуел со некогашниот командант Раул Гонзалес.