Натпреварот во Скопје започна со 1-минутен молк во чест на починатиот голман на Порто, Алфредо Кинтана (32) кој неодамна доживеа срцев удар на тренинг и по неколкудневна кома, почина. Домаќинот во чест на Кинтана положи и дрес на Вардар со број 1 на кој пишуваше Кинтана Засекогаш.
Вечерва ракометарите на Вардар го завршија своевидното мачење во групната фаза во која завршија на 7. место, само пред норвешки Елверум кој е последен.
Црвено-црните и гостите од Брест тргнаа израмнето, домаќинот парираше само до резултатот 5:5 и тоа благодарение на голманот Робин Кантегрел кој во првите 11 минути одбрани четири шута на противникот.
Следуваше период на голем број технички грешки кои Вардар го чинеа црна серија од 0:4 (5:9). Скубе и Вулјупов немилосрдно ја полнеа вардаровата мрежа.
Се врати некогашниот европски шампион во игра кога намали на 11-13, имаше и шанса преку Калараш да пријде на -1 но овој промаши зицер и колата тргна удолу.
Мешков Брест ја товареше разликата и стигна до +8 (12-20) на полувремето.
Ништо подобро по Вардар не беше ни во вториот дел кога при водство 16-24 гостинскиот тренер Раул Алонсо реши да пушти некои од резервите на терен па скопскиот тим благо се приближи.
На 10 минути пред крајот Вардар дојде на -5, па со убав гол Дибиров намали на само три гола разлика (32:35) но тоа беше се од македонскиот првак.
Гостите ги предводеше неверојатниот Валјупов со 12 погодоци од 12 шута. Скубе, некогашниот Вардарец даде 7 а Паниќ 6. Во црвено-црниот состав Тимур Дибиров погоди 9 пати, а Газа 7.
Вардар ја заврши приказната во групна фаза со само 3 победи, 3 нерешени благодарение на службените резултати по одложените средби со Елверум, Порто и ПСЖ и дури 8 порази што е најслаб учинок во модерната ера на Лига на шампиони.
Сега македонскиот претставник во 1/8 финале го чека страшниот Веспрем на 31 март или 1 април во Скопје, а реваншот на 7 или 8 април во Унгарија.