Црвено црните" по планираните лесни три бода тргнаа веднаш без калкулации и по само 5 минути игра имаа предност од 5:2. Гостите од Швајцарија стигнаа до најмала негатива од 6:5 и практично тоа беше најтесната разлика на натпреварот.
Вардарци ја демонстрираа фаворитската улога на овој меч, но со трпелива игра го зголемуваа резултатот. Во 18 минута стигнаа до првата најголема предност од +5 која ја имаа уште два пати до крајот на полувремето.
Шпанскиот стратег го искористи овој натпревар за да ги употреби и адутите од клупата за резервни играчи, па така во првите 30 минути дури 9 ракометари се запишаа на листата на стрелците. На полувремето нашиот тим замина со предност од 17:11.
Во вториот дел работите веќе одеа полесно за нашиот претставник во Лигата на шампионите кој за кратко време стигна до предност од 8 гола разлика. Интересно е што десеттиот стрелец во таборот на Вардар беше Тимур Дибиров кој погоди дури по 40 минути игра, но неговиот придонес беше повеќе изразен во асистенции.
Избраниците на Гонзалес во продолжението од мечот не се форсираа и само ја одржуваа предноста на мечот која варираше од 6 до 8 голови предност. Највисокото водство го постави капитенот Лазаров на 5 минути до крајот кога резултатот изнесуваше 30:21.
Но Швајцарците во завршницата на мечот се обидоа да стигнат до што подостоен пораз кој на крајот изнесуваше 32:25.
Најпрецизен во нашиот тим беше Карачиќ со 6 гола, а доста солиден на голот беше Петар Ангелов со 13 одбрани.
Со овој триумф актуелниот македонскиот шампион стигна до 10 бода, исто колку што има и Металург со што двата тима се на делба на третата и четвртата позиција, пред ПСЖ кој е на второто место со бод повеќе.
Во последното коло од групната фаза, Вардар ќе патува во Париз, а Металурзите ја пречекува првопласираната Барселона.