По двата триумфи над Кристијанштад и Мешков Брест, македонскиот шампион вечерва ја штиклираше и третата победа во кремот на европскиот ракомет. Во Целје, Вардарци стигнаа до нови, важни бодови за пласман на табелата. Во натпревар од СЕХА лигата, во истата сала Вардар неодамна го декласираше Целје со неверојатни 11 голови предност 40-29, но вечерашниов меч имаше друга димензија затоа што беше од Лигата на шампионите.
Црвено-црните во минатото имаа две средби со Целје и во елитното натпреварување во кои на два пати славеше. Тимот од салата „Златорог“ во Целје по првите две кола имаше една победа и еден пораз. Дома славеа против Загреб, на гостувањето против Рајн Некар Левен беа близу бод, но не направија сензација и загубија.
Без оглед што Словенците поведоа со 3:0 и ги збунија Скопјани на стартот, Вардар успеа со головите на Стоилов и Душебаев да го фати резултатскиот воз. По 6-5 за составот на првакот на Словенија, Вардарци направија серија од 0-3 и поведоа со 8-6. Контрите на Дибиров се испоставија како клучни во овој период од играта.
Но повторно следуваше резултатска клацкалица и Целје со голот на Гал Маркуч израмни на 11-11. Израмнето се играше до крајот на првиот дел кој заврши 15-15.
Само што започна вториот дел, а Данил Шишкарев со ефектен погодок му донесе предност на Вардар. На голот конечно ритам фати и Арпад Штербик кој успешно скроти неколку топки и со тоа им овозможи на соиграчите брзи контри и полу-контри.
Вардар интензивно ја забрза играта и на 10 минути до крајот имаше +6 голови предност (19-25) што требаше да се испостави како завршен удар за домаќинот кој не успеа да се опорави. Но Словенците не мислеа така и носено од публиката направија серија 5-1 и се вратија на 24-26 и направија нова драма.
Од тој момент главната улога на мечот ја презеде Мијајло Марсениќ кој вечерва го одигра најдобриот натпревар од кога е во црвено-црниот дрес и имаше 6 гола од 6 шута. Следуваше убав гол и на Жоан Канелјас кој го однесе Вардар на 24-28. Финалниот удар Вардар го зададе пред крајот кога успешно ја одржуваше позитивата за конечни 26-32.
Српскиот репрезентативец Марсениќ со шет гола беше најефикасен кај Вардарци. Пет даде Тимур Дибиров, а четири од четири шута постигна Шишкарев. Кај словенечкиот тим, Жига Млакар и Вит Потеко постигнаа по пет гола.
Веќе за една недела Вардар на 16. октомври во СЦ. „Јане Сандански“ го пречекува ПИК Сегед.