Во пресрет на претстојното второ македонско дерби кое повторно е прогласено за "EHF match of the week" играта на двата големи скопски ривали за офф.нет ја анализира искусниот стратег кој е на кормилото на РК Тинекс Пролет и кој е одличен познавач на македонскиот ракомет.
Металург имаше бледо издание на првото дерби, а одигра лошо и во Сеха лигата против Ловќен? Предност ли е ова за Вардар на реваншот?
-Мислам дека не е предност. Металург е екипа која има големо искуство и мислам дека ќе се стабилизира. Ги увидоа грешките и сега очекувам дека ке влезат посериозно во овој дуел.
Која е најсилна страна на Вардар?
-Фондот на играчи. Имаат 12 ракометари со ист квалитет што им овозможува добра ротација и мислам дека Вардар се наоѓа во солидна предност поради тоа. Уште една предност е што во последно време обрнуваат внимание во одбраната што не беше случај претходно.
Која е најголема предност на Металург во однос на Вардар?
-Најголемата предност би била ако се стабилизира психолошки. Второ ако одигра поквалитетно како што знае во одбраната, но не со широка одбрана. Трето ако подобро се трансформира во полуконтра. И како четврто би додал дека не треба да се потпираат на тројца ракометари, Мојсоски, Атман и Вугринец.
За тренерот на Вардар, Металург е "ранет лав", што мислите која ќе бидете тактиката на Червар за да возврати за поразот?
-Формата во која се наоѓаат Вардар и Металург не значи дека е предност за некоја од двете екипи. Првото дерби се заборава, работите се поставуваат за самиот натпревар и мислам дека ќе влезат со исти шанси. Металург ако се спреми подобро за таа игра на Вардар која во одбрана е поставена пет на еден со Дибиров, мислам дека има шанса да го добие Вардар.
Дибиров или Атман, кој е подобар странец во Македонија?
-Се работи за двајца ракометари кои играат на различни позиции и до сега се покажа дека Дибиров е покорисен од Атман. Можеби малку го гледаат тоа, но Дибиров е прв стрелец и се оди преку него. Играчите имаат доверба но него и тој е лидер во екипата. Мислам дека во оваа ситуација Атман кој е уште во сенка, не е доволно вклопен во играта, како што е Дибиров во Вардар.
Ракометарите на Металург се подобро воиграни, а Вардар донесе повеќе засилувања, кој ви делува посилен сезонава?
-Тие што се воиграни повеќе се трошат. Металруг има конкретна одбрана и напад со две-три измени. Одбраната им донесе добри резултати и мислам дека ќе се врати она старата и ќе биде поагресивна. Вардар има напад со голема навала со што има предност во некои ситуации. Го имаат Дибиров и брзата трансформација во полуконтра исто така им дава предност. Се работи за две многу квалитетни екипи кои ќе ни донесат одлично дерби.
Доколку можете да направите тим составен со играчи од Вардар и Металруг кои седуммина би ги ставиле во прв тим?
-Голман: Дарко Станиќ (Металург), пивот: Стојанче Стоилов (Вардар), лево крило: Тимур Дибиров (Вардар), десно крило: Гоце Георгиевски (Металург), десен бек: Ренато Вугринец (Металург), среден бек: Наумче Мојсоски (Металург) и лев бек Игор Карачиќ (Вардар)
Ваша прогноза за пласман на двете екипи во ЛШ?
-Можеби малку е неблагодарно спрема другите екипи, но се надевам дека Вардар и Металург ќе бидат на второ и трето место, Динамо Минск и ПСЖ ќе се борат за четврто, а Барселона ќе биде прва.
Што мислите за конечниот пласман на Вардар и Металург?
-И двете екипи имаат квалитет и искуство и заедно со амбиентот кој го прави пубиката како еден играч повеќе, мислам дека имаат шанси да влезат во четвртфинале.