Со Светското првенство во пливање минатиот месец, Светскиот атлетски собир во 2019. и пред сè фудбалскиот Мундијал во 2022. година, Катар има амбиција да стане спортски центар на светот. За потребите на Светското ракометно првенство, Катарците северно од главниот град Доха изградија ултра модерна сала, Лусаил Арена која собира 15.300 места, а близу до неа се наоѓа и Духаил Хендбол Арената со 5.500 седишта.
Претседателот на организацискиот комитет, Тани Ал-Кувари изјави дека немале никаков проблем при изградбата на салите и дека сите работници „се здрави и живи“. Кувари ова го изјави како одговор на сомнежите по неколкуте трагедии за време на изградбата на фудбалските стадиони во Катар.
„За реализацијата на нашите спортски борилишта потребни беа околу 31 милион работни часови и ангажман на 26.000 работници. Нема сомнеж дека нè очекува содржински богато првенство“, изјави главниот организатор на СП во ракомет 2015.
Катарците ништо не оставаат на случајот, па така за утрешното отворање се продадени сите билети. Публиката ќе може да ужива во настапот на дури 24 познати пејачи, по еден за секоја земја учесник. Од кај нас тоа ќе биде Даниел Кајмакоски. Организаторите соопштија дека и фудбалерите на Баерн Минхен, кои се на припреми во Доха ќе присуствувале на отворањето, заедно со тренерот Пеп Гвардиола.
Во историјата на 23. досегашни ракометни Мундијали, во 77 години доминираа само европските селекции. Домаќинот Катар утре против Бразил ќе започне со репрезентација составена претежно од странци. Селектор на Катар е Шпанецот Валеро Ривера, човек кој ја однесе Шпанија до светското злато на последниот Мундијал.
Катар ја искористи можноста ракометарите да можат да менуваат репрезентации, па така ги ангажираше Бертран Роан, 33-годишното крило од Франција, кое со триколорите го освои СП во 2011. година. Роан од францускиот Шамбери премина во Лехвија, клуб од Доха. По тој пат тргна и Горан Стојановиќ, 37-годишниот Црногорец и славното голманско име, Даниел Шариќ од БиХ.
Катар на пивот ќе го има Борха Видал Фернандез, Шпанецот висок 206 см, кој во 2005. година ја напушти кошарката и Хувентуд Бадалон и заигра ракомет. За Катар ќе игра и Црногорецот Жарко Марковиќ (27), како и Кубанците Рафаел Капоте (26) и Хорхе Луис Паван (33). Покрај ветераните, Катар има и млади играчи како Србинот Јовица Дамјановиќ (20) и Босанецот Елдар Мемишевиќ (22).
Оттука не треба да чуди што Катар го освои последното издание на Златната лига, кога ги победи Данска и Норвешка.
„Несомнено може да бидат големо изненадување. Со Валеро Ривера на клупата добија тактичка дисциплина и индивидуален квалитет. Одлично играат на домашен терен и сигурен сум дека ќе бидат меѓу главните актери на Мундијалот“, изјави Клод Онеста, селекторот на Франција.
Светското првенство во Катар почнува утре со почеток во 18:30 кога отвораат Катар и Бразил.