Актуелниот шампион на Македонија натпреварите од Лигата на шампионите во 2014 година ќе ги стартува со нов стратег кој ќе дебитира на домашен терен против незгодниот противник од Белорусија на кој „Црвено-црните“ размислуваат само на победа.
„Ова ќе биде решавачки натпревар на кој мора да одиме на победа. Нема простор за импровизации, ќе влеземе максимално подготвени, зашто ова е посебно значаен меч за нашата екипа на кој со победа обезбедуваме место во следната фаза. Динамо е добра екипа, особено со новото засилување Борут Мачковшек. Тие имаа слабост на надворешните позиции, но со неговото доаѓање сега се посилни во таа фаза од нападот. Сигурен сум дека и нивната цел е да го добијат мечот кој е решавачки и за нив“, изјави Раул Гонзалес.
Покрај отсуството на повредениот Душебаев, шпанскиот стратег не може во целост да смета ниту на Карачиќ, Прибак и Лазаров кои тренираат со помал капацитет, но најави дека ќе бидат во составот. Гонзалес и капитенот на Вардар не бараат никакво алиби поради некомплетниот состав.
Не чека тешка борба, но немаме избор и ќе влеземе во мечот максимално. Имаме многу повредени, но нема да се занимаваме со тоа. В недела нема да победат индивудалци, туку тимскиот дух кој го градиме од стартот на оваа сезона. Да ни понудеше некој пред почетокот на сезоната дека овој меч со Динамо ќе ни решава се, веднаш ќе прифатевме. Сега се е во наше раце, играме пред наша публика, противникот не е атрактивен, но со квалитет не заостанува зад водечките“, изјави капитенот на Вардар, Филип Лазаров.
Сите останати три кола од групната фаза во ЛШ ќе се одиграат овој месец, а по натпреварот против Динамо кој е закажан за в недела со почеток од 18 часот, на Вардарци им преостанува пресметка на домашен терен против Вакер Тун и на гости против ПСЖ.