Во големото финале во Будимпешта, пред 14.238 гледачи, после голема драма, исто како и во полуфиналните дуели, Шведска ја победи Шпанија 27:26 (12:13) и по петти пат го крена сјајниот пехар на Стариот континент, прв за викинзите после цели 20 години!
Шпанците останаа на две освоени европски злата и тоа на претходните две изданија, така што за малку не направија историски подвиг по трет пат по ред да станат кралеви на Европа.
Јунак на Шведска беше Никлас Екберг со гол од пенал буквално во последните моменти од мечот. Адутот на германски Кил пропушти неколку дуели на Шведска на Европското поради позитивен тест, но на крајот беше на висина на задачата за огромна радост на шведските навивачи, во голем број дојдени во Будимпешта.
💪 The winning goal for @hlandslaget 🇸🇪, by Niclas Ekberg#ehfeuro2022 #watchgamesseemore pic.twitter.com/GUy2qxNVCz
— EHF EURO (@EHFEURO) January 30, 2022
Одново централна фигура на мечот беше голманот Андреас Паличка кој бранеше сензационално и со 11 одбрани беше главен творец на триумфот на Шведска. 35-годишниот Паличка кој има словачко потекло дефинитивно го одбележа Евро 2022 со чудесни одбрани во серија.
Кај Швеѓаните јунакот Екберг запиша пет гола колку и Оскар Бергендал а четири погодоци постигна херојот од полуфиналниот мегдан со Франција, Јим Готфридсон кој заслужено е прогласен за МВП на турнирот.
Кај поразените Шпанци кои ќе се задоволат со утешното сребро, први стрелци беа Адријан Фигерас Трехо со по шест гола, Јан Тарафета погоди пет пати а четири погодоци постигна Анхел Фернандез.
Уште од самиот старт и двете селекции како да се обидуваа да го допрат пулсот на ривалот, па гледавме сосема израмне дуел и резултатска клацкалица.
Шведска поведе со 2:0, Паличка еуфорично ги распали своите соиграчи уште од стартот со неколку луцидни одбрани во негов стил, бранеше зицери и фрлаше брзи контри.
Но на другата страна, Хампус Ване промаши два седмерци, очигледно без доволна самодоверба влезе во финалето поради отсуството поради позитивен тест и пропуштено полуфинале.
Ване со 20 гола од 22 изведени пенали претходно на Европското беше маестрален реализатор.
Шпанците тоа го искористија, Шведска цели шест минути не ја затресе мрежата на Перез де Варгас па „црвената фурија“ се врати резултатски без преголем напор.
Благодарение на брзите полуконтри и контри преку сјајните Фернандез и Абељо кои направија пресврт, Шпанија на паузата замина со гол предност - 13:12.
На почетокот на вториот дел, довечерашниот европски шампион Шпанија која ги освои претходните две Европски првенства, тргна добро и првпат поведе со +2 на мечот.
Во тие „црни минути“ Швеѓаните за нивна среќа го имаа расположениот пивотмен Бергендал (5/5 во финалето) кој ги одржуваше во игра во напад и во одбрана.
Шпанците иако имаа 2+ и напад за уште повисока предност, неочекувано западнаа во летаргија и со избразни и неорганизирани напади им дозволија на Швеѓаните да се вратат па во последните 10 минути да влезат со предност.
Во неверојатно брза игра со брз центар, и едните и другите даваа голови како на тренинг, со голема разлика што голманот Паличка во неколку наврати одбрани чисти зицери.
Шпанците во последните 40 секунди пред крајот тргнаа во напад за европско злато, но поранешниот Вардарец Кањељас (на 35 години одигра сосема коректно првенство со 18 гола од 29 обиди во Унгарија и Словачка) мошне неискусно и почетнички реагираше и во ситуација кога очекуваше фаул, само млако ја фрли топката кон шведскиот гол. Не доби прекршок па следуваше тајм-аут.
Шведска тргна по титула на другата страна, а германските судии досудија пенал по стартот на малерозниот Кањељас над Лагергрен. Екберг ладнокрвно го реализираше пеналот за триумф и злато за Шведска која по петти пат го освојува Европското првенство.
🔊🏆 @hlandslaget 🇸🇪#ehfeuro2022 #watchgamesseemore pic.twitter.com/xAINEhaaZp
— EHF EURO (@EHFEURO) January 30, 2022
Претходно во дуелот за 3. место и бронза, Данска одново, по трет пат се судри со Франција и славеше после продолженија 35:32 и тоа без својот најдобар играч Микел Хансен. Ова е четврта бронза за Данска од Евро.
Што се однесува до најтрофејните селекции од европските првенства:
Шведска - 5 златни медали
Франција - 3 златни медали
Шпанија - 2 златни медали
Данска - 2 златни медали
Германија - 2 златни медали
Русија - 1
Во однос на севкупниот број на медали (злато, сребро, бронза), тука Шпанија е убедливо прва со 9 (2-5-2), Данска има 7 (2-1-4), Шведска има 6 (5-1-0), Хрватска има 6 (0-3-3), Франција има 5 (3-0-2), Германија 4 (2-1-1), Русија 3 (1-2-0).