Натпреварот со гол од пенал го отвори Кире Лазаров, а по второто израмнување на Швајцарците за 2:2, нашите ракометари влегоа во серија и стигнаа до предност од 7:3.
Одговорноста во нападот ја презеде членот на Барселона кој запиша 6 од тие погодоци, 4/4 од пенал. Македонија прими два гола по ред, но потоа со играч помалку Манасков реализираше од контра за +3.
Нашите репрезентативци потоа одиграа цврста одбрана, а одличен во првиот дел беше и Борко Ристоски кој одбрани 9 удари од кои два седмерци. Обрван по дваесетина минути во игра го внесе Прибак кој веднаш влезе во ритам и со неговиот гол и додавањето до Никола Маркоски, Македонија имаше највисоки 10:5.
Падот на концентрацијата во нашиот тим Швајцарија го казни со серија од 3:0, но во последните минути од првиот дел Лазаров го реализираше и петтиот седмерец, а по него првиот гол на мечот го постигна Столе Стоилов за водство на полувреме од 12:8.
Македонија лошо го отвори вториот дел и прими 3 голови во низа, но во 40 минута гостите мораа да свикаат тајм-аут, бидејќи нашите ракометари со помош на расположениот Лазаров повторно се вратија на +5.
Швајцарците и понатаму немаа одговор за нашата игра која одеше течно во нападот, а со тоа растеше и водството. Со влегувањето во игра на Ренато Вугринец кој погоди од девет метри нашиот национален тим стигна до највисоки +8 на мечот и тоа беше само потврда за разликата во квалитет на овие две репрезентации.
Македонскиот репрезентативци се опуштија на крајот, но не ја загубија убедливата предност, а мечот како што почна, така и заврши со прецизен пенал вкупно деветти за Лазаров кој беше најпрецизен на мечот со 13 голови.
Втор стрелец во нашиот табор беше Манасков со 4 погодоци, а Борко Ристовски го заврши мечот со 15 одбрани.
Следниот меч Македонија го игра против Чешка на гости во недела со почеток од 13:30.