Довчерашниот селектор на Македонија кој го презеде кормилото на Хрватска ја истакна извонредно завршената работа на Вардар, а ги спомна и тројцата нивни ракометарите кои го носеа дресот на Металург.
„Вардар направи извондредна работа. Иако Барселона е во благ пад, не е мала работа да се победи таква екипа. Но ова што го направија во финалето е нешто чудесно. ПСЖ е на некој начин репрезентација на светот. Ги имаат најдобрите играчи, далеку најголем буџет и тоа не им беше доволно. Воодушевен сум, а особено ми е мило поради трите хрватски репрезентативци. Исто така, овој успех на Вардар на некој начин е и успех на Металург бидејќи тука се Циндиќ, Борозан и Марсениќ кои што беа мои играчи, кои што јас ги открив. Меѓутоа, сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, вложи големи пари во тимот, а во таа трка ние немавме никакви шанси. Сепак, навистина ми е мило бидејќи тие момци тоа го заслужија, а овој успех на Вардар во таква конкуренција е супер работа за ракометот како спорт. Се надевам дека и ние во Хрватска ќе сфатиме како функционираат работите“.
Хрватскиот стратег ги спореди и условите кои ги имаат Вардар и ПСЖ, а искоментира уште еден голем настан кој престои во Скопје.
„Не знам дали знаете, но Вардар, покрај титулата во машка конкуренција, играше финале и во женска. Македонија не е ракометна велесила, но ова што го направи оваа година е плод на долгогодишно вложување. Вардар има далеку најдобри услови за работа во Европа. Салите, инфраструктурата, комплексите за тренинг се подобри и од оние на ПСЖ. Францускиот шампион, колку и да е богат, игра во сала која некогаш беше складиште, а Вардар игра во комплекс што е научна фантастика за останатите. Не е овој успех случајност, туку е производ на вложувањето на Русинот во претходните неколку години. Вардар е европски тим. Имаат само неколку македонски ракометари, сите останати се странци. Знаете ли дека Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед ќе играат во Скопје во август? Македонците имаат далеку најмодерен фудбалски стадион на Балканот, а ние ги потценуваме и велиме дека имаат политички нестабилна земја“, рече Лино Червар.