По речиси шест месеци, македонската публика повторно ќе може да ужива во ракометната Лига на шампиони. Во недела во Скопје гостува ПИК Сегед, екипа за која тренерот на Вардар Раул Гонзалес вели дека е многу незгоден противник.
„Пик Сегед е многу добар противник и тоа го покажа против Кјелце во првото коло. Во Монпеље не игравме концентрирано сите 60 минути и дуелот со Сегед ќе биде шанса да го поправиме тоа. За нас е многу важно што ќе играме пред својата публика, пред која секогаш играме подобро. Што се однесува до здравствениот билтен, Карачиќ има проблем со рамото, но мислам дека ќе може да игра“, го почна пресот Шпанецот на клупата на Вардар.
Гонзалес додаде и дека тренерот на ПИК Сегед, неговиот сонародник и пријател Хуан Карлос Пастор од 2013-та до денес многу ја развил играта на унгарскиот состав кој игра типичен шпански ракомет.
„Очекувам тежок натпревар. Сегед можеби не звучи како Барселона, Кил или ПСЖ, но ако ги погледнеме нивните резултати во последните неколку години, мислам дека се меѓу најдобрите екипи во Европа. Минатата година го елиминираа Рај Некар-Левен а потоа со Кил славеа 4-5 разлика во Унгарија. Предминатата година не играа ЛШ, но го освоија ЕХФ купот“, предупреди Арпад Штербик, најдобриот голман во 1. коло од ЛШ.
Штербик потенцираше дека успешна сезона се гради токму против противниците кои не се толку атрактивни и против кои тешко се освојуваат бодовите.
„Повеќе се плашам од овие натпревари, отколку кога ќе дојде Барселона, затоа што луѓето, навивачите, па и некои од нас играчите често размислува дека ќе биде лесно. Во случај да размислуваме така, тешко ќе дојдеме до победа“, заклучи еден од најдобрите светски голмани.
Натпреварот се игра во недела во 17:30, со директен пренос на МРТ. По првото коло во групата Б, по два бода имаат Кристијанштад, Вардар, ПИК Сегед и Рајн-Некар.
Парови 2. коло ЛШ, група Б:
Барселона - Кристијанштад
ВАРДАР - Сегед
Колдинг - Рајн-Некар
Кјелце Виве - Монпеље