Шпанија-Данска во финалето на ракометниот мондијал

Во финалето на 23-то Светското ракометно првенство во Шпанија ќе се сретнат домашната репрезентација која во полуфиналето беше подобра од Словенија и селекцијата на Данска која ја победи Хрватска.

На првиот полуфинален натпревар во Барселона, домашната репрезентација беше поуспешна од изненадувањето на турнирот, селекцијата на Словенија.

Репрезентацијата на Словенија беше рамноправен противник и на полувремето Шпанија имаше минимално водство од 13:12, но на почетокот од вториот дел домаќините го скршија отпорот на противникот и направија серија од 6:0. На крајот Шпанците славеа со 26:22.

Најефикасен кај Шпанија беше Канељас со 5 погодоци, а голманот Штербик имаше 10 одбрани. Маргуч со 7 голови беше најефикасен во редовите на Словенија.

Ракометарите на Хрватска имаа очаен старт на натпреварот и по првите 10 минути постигнаа само 1 гол. До крајот на првиот дел Хрватите ги консолидираа своите редови и Данска на паузата замина со предност од 14:11.

Во второто полувреме Данците ја имаа целосната контрола на натпреварот и рутинирано ја одржуваа предноста за на крајот да слават со 30:24.

Најефикасен во победничкиот состав беше Егерт со 9 погодоци, а голманот Ландин одбрани 16 удари кон неговиот гол. Бичаниќ со 7 голови беше најдобар кај Хрватска.

Словенија и Хрватска во сабота ќе ги одмерат силите во борба за бронзениот медал, а финалето помеѓу Шпанија и Данска ќе се одигра во недела со почеток од 17:15 часот.

25 јануари 2013 - 23:05