Сензација на Македонија, победен светскиот шампион Данска!

Нова, полетна, снажна и храбра Македонија вечерва во Скопје го урна актуелниот светски првак. На дебито на новиот селектор Кире Лазаров кој беше и во улога на играч, најдобрите македонски ракометари го одиграа можеби мечот на своите кариери и триумфираа 33:29.

Македонска ракометна експлозија се случи вечерва во Скопје. Во квалификации за Европско првенство црвено-жолтите ја совладаа Данска.

На ноншалантна одлука на селекторот на скандинавците Николај Јакобсен, Данска допатува во Скопје на само неколку часа пред мечот со намера да замине веднаш по натпреварот со чартер лет. Обложувалниците за победа на Македонија даваа и до 15 коефицент со 1.02 квоти за апсолутниот фаворит Данска.

Но таквиот однос на гостите вечерва им се одби како бумеранг затоа што налетаа на расположена Македонија која од почеток до крај им одржа ракометна лекција. Што е најважно, Македонија под водство на новиот селектор Кире Лазаров направи огромен исчекор на патот кон Европско првенство.

*****

Уште од стартот на дебито на Лазаров како селектор, Македонија заигра брз, модерен, ефикасен ракомет и тоа донесе предност од 4:2. На едната страна од паркетот блескаше Филип Талески со два гола од далечина а на голот инспиративно бранеше Никола Митревски кој сигурно е во топ5 голмани на континентот во моментов.

Следуваше игра гол за гол а предноста од 2+ Македонија ја врати во 11' минута, набрзо и 7-5 со погодок на Манасков. 

На средината од првиот дел во игра влезе и селекторот Кире Лазаров кој прво неверојатно му асистираше на Филип Талевски за цепелин а после и самиот запиша историски прв погодок како тренер, за 9-7.

Во еден момент од мечот после долга пауза во репрезентативниот дрес се врати и Филип Миркуловски кој сега му е играч-помошник на селекторот Лазаров.

Дека работите одат во многу позитивна насока покажа периодот од играта во кој имавме и +3 против Данска која допатува во силен состав со Микел Хансен и останатите светски прваци Никлас Ландин, Емил Нилсен, Ханс Линдберг, Мадс Менсах, Јохан Хансен, Ласе Андерсон, Емил Јакобсен и други.

Фантастичните комбинаторики во нападот како да го инспирираа Митревски на голот кој ја запиша и 6-та одбрана во првиот дел и му овозможи на Филип Талевски со лоб да донесе високи 12-8.

Гранитната одбрана и експресните напади, нешто што на претходното Светско првенство ја красеа токму скандинавската екипа, овојпат беа наше оружје.

На полувреме Македонија водеше 17-13 и се подгреаа надежите дека можеме до сензација.

Вторите 30 минути почнаа во ист ритам. Момците на Лазаров ја чуваа предноста а во 43' минута семафорот во „Борис Трајковски“ покажуваше нереални 23-17, набрзо со головите на Лазаров и Манасков и 25-17. 

Светскиот шампион вечерва го имаше само расположениот Микел Хансен кој асистираше и даваше голови па Данска се врати со 3 погодоци во серија. Тоа беше аларм Лазаров да свика тајм-аут и да ги смири нашите ракометари.

Како што помина 48' минута така резултатот беше 28-21 за Македонија со головите на Манасков, Кузмановски и Стоилов. 

До крајот од мечот рутински ја сочувавме позитивата и славевме со убедливи 33-29.

Најефикасни ракометари во нашиот состав беа Кузмановски, Манасков и Талевски со по пет гола. Кире Лазаров додаде 4, а Миркуловски го одбележи враќањето во репрезентација со три гола колку што даде и Жарко Пешевски.

Огроми заслуги за триумфот има и Никола Митревски кој запиша 13 одбрани.

Кај Данците Микел Хансен даде 11 гола но немаше поддршка од соиграчите.

После 3 одиграни кола во квалификациската група 7, Македонија води со 6 бода пред Данска која има 3, Швајцарија 2 и Финска со 0 бодови.