Втората сезона од ракометниот спектакл со најсилните екипи од регионот ќе се комплетира во недела кога ќе биде познат и новиот шампион на лигата. Најтешката задача ја има бранителот на титулата Вардар Про кој финалето ќе го брка преку силниот Металург кој годинава ја игра својата најдобра сезона во историјата.
„Морам да го пофалам тимот на Металург кој оваа година на најдобар можен начин го претставува македонскиот ракомет во Лигата на шампионите. Металурзите се благ фаворит на овој меч кој претставува најголемо балканско дерби. Очекувам голем спектакл и одличен ракомет, а нека победи подобриот на паркетот", изјави стратегот на Вардар Про, Веселин Вујовиќ.
Лино Червар исто како и неговиот колега го пофали протвникот и изјави дека има голем придонес за развојот на ракометот во Македонија. Според него добро е што е направен чекор плус за спонзорирањето на оваа лига, но смета дека потребно е повеќе да се следи примерот од АБА кошаркарската лига и да се искористи во СЕХА лигата.
„Мило ми е што во завршницата на турнирот има две македонски екипи. Ова ќе биде големо дерби со посебен шарм. Ние сме во малку поинаква ситуација за разлика од другите екипи, затоа што за 7 дена не очекува дуелот со Киелце кој за нас преставува историска шанса за пласман помеѓу најдобрите 4 екипи во Европа. Се надевам дека нема да продолжи нашиот малер со повредени играчи, затоа што по Манасков, останавме и без Миркуловски и Маркоски“, изјави Червар
Инаку предводникот на тимот од Автокоманда рече дека добро би било доколку во иднина, победникот на ова натпреварување, би обезбедил директно учество во Лигата на шампионите, нешто слично како во АБА кошаркарската лига.
Полуфиналните двојки од фајнлфорот се закажани за во петок. Мечот помеѓу Брест Мешков и Загреб Кроација ќе стартува во 17, а дербито Вардар-Металург во 19 часот. Борбата за првото и третото место ќе се играат во недела во истите термини.