Натпреварот го судеа сестрите близначки од Франција Шарлот и Жули Бонавентура кои претходно ни ја делеа правдата кога игравме против Египет.
Попладнево во Каиро, Сергеј Косоротов го отвори резултатот од пенал. Косоротов (роден 1999-та, висок 195 см) има само 21 година, игра во Чеховски Медведи и од почетокот на турнирот игра сјајно, важи за најпријатно изненадување на Мундијалот.
На другата страна Филип Талевски проба со шут од далечина но вообичаено неговиот млак удар беше лесен плен за рускиот голман Витор Киреев кој во првите 5 минути запиша 3 одбрани, а до крај на првиот дел имаше 8 интервенции.
Искусните Дмитриј Житников и Даниил Шишкарјев во следните два напади ја однесоа Русија до 0-3, вториотв со искусен потег - шрауба. Дури во 6' минута Филип Кузмановски (24) го проби мразот на нашата селекција за 1-3.
Русија и со играч помалку, на среќен начин преку Косотов зголеми на 1-5 откако топката се одби од нашиот блок и го збуни Митревски. Македонија за цели 10 минути постигна само 1 гол и тоа е одраз на фактичката состојба во нашата ракометна репрезентација.
Ни смената на голманска позиција не донесе промена, Косоротов го совлада Томовски за 8-2 во 15' минута, а на Русите колку толку им парираше единствено Филип Кузмановски со 3 гола во првите 18 минути.
Старата болка лесно да губиме топка и овојпат добро му дојде на противникот кој пола голови во првиот дел ги даде по контри и полу-контри.
Очајната игра и безбројните грешни додавања и промашени зицери го отсликаа резултатот на семафорот на полувреме: 9-19 во корист на Русија (на Светското играат под името Руска ракометна федерација РХФ поради суспензијата од ЦАС).
Кузмановски даде 3 во првиот дел, Пешевски и Серафимов по 2, Крстевски 1 и Стоилов 1. Тоа беше сè од индиспонираната Македонија која во првите 30 минути немаше решение за Игор Сорока кој ни даде 6 гола.
*****
Вториот дел донесе прилично груба игра на двете страни и 3 пенали во 4 минути. Серафимов брзо го стигна Кузмановски по бројот на голови (3) со искористените пенали.
Во продолжение мечот не донесе некоја драстична промени, што во играта на избраниците на Данило Брестовац, што во резултатот. Русите го товареа нашиот гол, нивната позитива движеше меѓу 9+ и 10+.
Капитенот Лазаров во 10' минута во првото полувреме седна на клупа и веќе не се враќаше (веројатно првпат во кариерата не постигна ниту еден гол во дресот на репрезентацијата), па шанса добија младите играчи кои во иднина ќе треба да го носат бремето, но по виденото на ова Светско и по зборовите на селекторот Брестовац, ќе биде тешко во догледно време да се повторат изданијата кои ја разгалија јавноста во минатото.
Најефикасни во нашиот состав беа Филип Кузмановски со 6 гола и Мартин Серафимов со 4. По 2 дадоа Пешевски, Костески и Георгиевски, а по 1 Димитриоски, Крствески, Стоилов и Талевки.