Нов тренер на Вардар е Шпанецот Давид Писонеро кој во претходните две сезони го предводеше Ваљадолид, клуб во кој извесно време беа и Раул Гонзлаес и Роберто Парондо.
Роден е на 10 април 1973 година и речиси целиот свој живот е во ракометот.
Писонеро како играч во два наврати го носел дресот на Ваљадолид: 1990-1995 и 1998-2003. Играл и во шпанските прволигаши Кантабриа и Адемар Леон. На 30 години поради чести повреди решава да ја заврши кариерата во 2003 година.
Во тренерските води запливал во 2017-та година кога седнал на клупата на Ваљадолдил кој сезонава со него заврши на седмо место во силната шпанска лига.
„Верувам дека со Писонеро ќе продолжиме успешно да чекориме по зацртаниот пат. Вардар секогаш е тим кој се бори за висок пласман во секое натпреварување каде што игра. Така ќе биде и во иднина“, изјави извршниот директор на клубот Давор Стојановски за клупскиот сајт на Вардар.
Новиот тренер на скопскиот состави изјави:
„Мислам дека во Ваљадолид покажав дека не сум нервозен човек, туку човек кој размислува на високи цели и верува во секојдневната работа. Овде во клубот тоа го почитуваа, се надевам дека така ќе биде и во Македонија. Знам дека ова е највисокото можно ниво, знам дека ќе биде тешко, но тоа е. Одам да се обидам да го одржам гладот за успеси на таа екипа, желбата да победуваат. Да се обидам ја добијам довербата на таа екипа. Секако дека ќе биде тешко, но тоа е единствениот начин да се напредува“, вели Писонеро.
Во однос на тоа што неговите претходници одлично зборуваа македонски јазик (и Раул и Парондо), Писонеро вели дека англиски зборува перфектно, а дека ги слушнал своите сонародници како зборувале македонски и дека и тој ќе се потруди да го научи јазикот што е можно поскоро.
Досегашниот тренер на Вардар, Роберто Парондо стана селектор на Египет.
Според најавите, во составот на европскиот шампион треба да остане костурот на екипата: Чупиќ, Криштопанс, Скибе, Стоилов, Тимур Дибиров и Шишкарјев. Во следниот период управата ќе работи на засилување на тимот.