Предводени од спортскиот директор на клубот Едуард Кокшаров и помошниот тренер Аце Станковски, „црвено-црните“ го започнаа мечот со одбрана 5-1, концепт којшто донесе водство на стартот и контрола на резултат во првиот дел.
Со двата ефектни гола на Барбара Лазовиќ Вардар имаше три гола предност на средината од првиот дел а најзаслужна за одржување на позитивата беше Андреа Пенезиќ која постигна дури 6 погодоци. На паузата се замина со +6 за Вардар (12-18).
Од самиот старт на вториот дел, данскиот шампион направи серија и ја намали разликата која во 42. минута беше 19-22. Нејасен беше падот на концетрацијата на Вардарки во тој период од мечот, но за среќа Мидтјиланд не успеа да ја загрози предноста на македонскиот првак.
Со препознатливите додавања тандемот Ања Алтхаус и Андреа Лекиќ кој не играа во првиот дел Вардар одново имаше +5, но ниту тоа како да не беше доволно конечно да се сруши мотивираниот Мидтјиланд кој не се предаваше.
Домаќинките направија страшна серија од 4-0 благодарение на неколкуте технички грешки на Вардар и се приближија на само -1 (25-26). На осум минути игра до крајот, одговорноста ја презеде Лекиќ која што ги постави конечните 26-28.
Најефикасна на дуелот беше Пенезиќ со седум погодоци, Лазовиќ запиша пет, а Александра Лакрабер имаше пристојна вечер со четири гола. На голот Амандин Лејно имаше 13 одбрани. Кај домашниот Мидтјиланд Трине Јенсен беше прв стрелец со пет гола а Сабине Енглерд го заврши мечот со 11 одбрани од кои 10 во вториот дел што е доволен показател дека Вардарки пред реваншот мора да поработат на задржување на фокусот во текот на сите 60 минути.
Возвратниот дуел се игра следната сабота во Скопје.