Дебитантот во Лигата на шампионите иако играше без Кире Лазаров, вечерва покажа дека има сериозни намери околу конечниот изглед на сезонава во елитното друштво.
Како освојувач на францускиот Куп, Нант пред преполна сала тргна мошне агресивно, успеа да ги материјализира грешките на Вардарци и брзо стекна водство од 2 па 3 гола предност.
Во ситуација кога домаќинот имаше 6-3, Раул Гонзалес прилично лут повика тајм-аут, реши да освежи со играчи од клупата но нападот на Нант беше незадржлив.
Шпанскиот тандем Гурбиндо-Белегер постигнаа вкупно девет гола во 30 минути и ја одржуваа високата предност на Французите од 5 гола. Од друга страна какви такви „знаци на живот“ покажуваа Дибиров и Циндриќ но на голот Милиќ не успеваше да ги скроти бомбите на Турно и Клајн за огромни шест гола предност на две минути пред паузата. На полувреме се отиде со 18-12 за Нант чијшто фудбалски клуб успешно го води Клаудио Раниери.
Првите 30 минути ги одбележи неверојатниот Димулин кој запиша дури 11 одбрани.
Ако првиот дел беше лош, стартот на вториот за Вардар беше полош и на семафорот после 34 минути игра стоеше +8. Мала надеж на скопскиот состав им донесеа Циндриќ и Тимур Дибиров кога со серијата 3-0 се вратија на 21-15 но Димулин продолжи да доминира на голот.
Позитивата на Нант се движеше од 6 до 8 гола предност но европскиот првак не крена бело знаме и со погодоците на Мартин Поповски и Циндриќ се вратија на пристојни -3, а набрзо Дибиров од полу-контра со својот петти гол намали на -2.
Пар технички грешки и пад на концентрацијата во финишот, не му дозволија на Вардар да направи чудесен пресврт и да избори макар реми. На крајот конечни 27-25 за Нант. Најефикасен играч на мечот беше Гурбиндо со осум гола, Балагер имаше учинок од шест а Клајн од пет погодоци. Кај „црвено-црните“ Дибиров и Лука Циндриќ постигнаа по четири погодоци.
Вардарци и покрај поразот во Франција остануваат на прво место. Во последното коло доволно им е и реми против Висла во Скопје за да обезбедат директен пласман во четвртфиналето.