Почнува ракометниот празник со Вардар и Металург

Историскиот чин за македонскиот ракомет е на самиот праг. Љубителите на овој спорт ќе уживаат во настапите на нашите два најсилни ракометни клубови кои за прв пат во иста сезона ќе бидат наши претставници во најелитното клупско европско натпреварување.

Завесата во новата сезона од најелитниот клупски европски ракомет чест да ја отвораат имаат екипите од А групата, бундеслигашот Рајн Некар Ловен кој ќе го пречека украинскиот тим Мотор Запоројже. Во истата група вечерва се игра и вториот дуел помеѓу Санк Петерсбург и Веспрем.

Натпреварите од првото коло од оваа група ќе ја комплетираат екипите на Загреб Кроација Осигурување и Цеље кој се среќаваат во сабота. Но тој ден вниманието на нашата спортска јавност ќе биде свртено кон Металург и Вардар кои ги играат првите мечеви во рамките на групата Ц.

Новата ракометна одисеја во Лигата на шампиони за екипата од Автокоманда започнува на гости против Швајцарски Тун, а македонскиот ракометен шампион во салата „Борис Трајковски" ќе ја нагости моќната Барселона.

Вардарци по пауза од три години се враќаат на голема врата и со нова раководна структура во најелитната ракометна меѓународна сцена, а овој дуел освен што ќе биде тежок за „Црно црните" привлекува огромно внимание поради дуелот на браќата Лазарови. 

Групата во која се паднаа Металург и Вардар ја надополнуваат и екипите на ПСЖ и Динамо Минск кои ќе се сретнат истиот ден.

Доказ за тежината во оваа група за нашите два претставници се предвидувањата на светските обложувалници според кои Барселона е фаворит за освојување на титулата со коефициент 2.5, а втор е ПСЖ со 3.6.

Коефицинетот за освојување на пехарот кај Металурзите е 101, а Вардар е во друштво со уште 6 екипи на последното место според шансите со 501.

19 септември 2013 - 14:33