Македонскиот вицепрвак одигра 10 меча во групата Д, оствари пет триумфи и пет порази и се искачи на третото место во групата. Вечерашната победа против Чеховски медведи значеше и подобрување на учинокот од лани кога „Металурзите“ завршија последни во својата група со сиромашни две победи.
Во ситуација кога играа натпревар без некој резултаски императив, момците на Лино Червар поведоа со 3-0 со головите на Филип Кузмановски и Мартин Велковски. До 12. минута тимот од Автокоманда имаше водство а гостите тогаш намалија на еден гол негатива (Металург првпат организираше напад со 7 играчи и без голман, како што Червар играше на ЕП во Франција).
Нов залет „Сините“ фатија на половината од првиот дел кога направија сјајна серија од 4-0 и на семафорот стоеше 8-3. Со два гола едно по друго Александар Гуглета го доведе Металург на 14-8, а на паузата екипите заминаа со 15-10 за домаќинот.
Во вториот дел Чеховски медведи се обидоа со промена на формацијата да направат пресврт, во еден момент се вратија на 15-12, но младата екипа на Червар одново додаде гас и се одлепи на +5, а набрзо и на +6 гола разлика.
На екипата вечерва и одеше добро, така што хрватскиот стратег на десен бек ги ротираше Велковски, Немања Младеновиќ, Никола Костески па и репрезентативецот Стефан Дрогришки. Публиката во „Борис Трајковски“ гледаше убав ракомет, а Металург го полнеше противничкиот гол и на пет минути пред крајот имаше високи +7.
На крајот конечни 31-24 за Металург кого вечерва до победа го водеа Вања Илиќ и Немања Обрадовиќ со по седум гола, Жарко Пешевски даде четири, три дадоа Кузмановски, Костески и расположениот Гуглета.
Кај гостите водечки стрелец беше Кирил Котов со пет гола. Репрезентативниот голман Олег Грамс имаше 15 одбрани и еден атрактивен погодок од гол на гол. За Металург остануда да ги одигра трите дуели во СЕХА Лигата, пред да се посвети на обврските во домашниот шампионат каде ќе се обиде да му ги помрси сметките на неприкосновениот Вардар.