Дуелот меѓу Македонија и Чиле повеќе личеше на ревијален натпревар без никакво резултатско значење, освен ако на некој му беше битно дали ќе биде 15-та или 16-та ракометна земја во светот.
Раул Гонзалес повторно како против Русија се реши да почне за ударната постава, во која повторно голот го чуваше Никола Митревски, кој брани одлично на ова Светско, а шанса во вториот дел доби и Даскаловски кој фати два пенали.
Селекторот на Македонија овој пат ја игнорираше тактиката 7 на 6 која се докажа дека е многу ризична и целиот натпревар реши да го игра со голман.
Ланкес арената каде РК Вардар стана европски шампион, во вториот меч на таканаречениот Президент Куп, му донесе среќа на нашиот национален состав.
Момците на Раул се изнамачија да ја добијат јужноамериканската селекција која се држеше често пати во егал, а во два наврати и водеше со +2.
Немаше голема борбеност и жар оваа средба, но затоа понуди голема неизвесност. Трите гола предност беше најголемото водство до кое успеа да стигне нашата репрезентација, а на крајот славеше со 32:30.
Кире Лазаров постигна 9 гола, исто колку против Русија, Манасков постигна 7, Стоилов 5, а Никола Митревски го заврши мечот со 11 интервенции.
Три победи, четири порази и 15-то место на Македонија на шестото мундијалско учество.