Македонија може само да жали бидејќи испушти речиси добиен натпревар и со тоа остана без никакви шанси за историско полуфинале. Поразот од 24:25 од Чешка е болен затоа што Македонија беше газда на овој дуел кој го загуби во хичкок завршница.
Избраниците на Раул Гонзалес уште на стартот покажаа заби и по 9 минути игра имаа предност од 4:1, а на полувреме замина со водство од 13:11.
Сè на сè нашите ракометари одиграа фантастичен натпревар и покажаа дека се поквалитетен противник од Чешка, кој ни е редовен пациент во квалификациите во изминативе три години. Но во финишот целосно потфрлија.
Во три наврати имавме комотна предност од +5 во второто полувреме кои ни даваа огромна надеж дека Чешка нема шанси да се врати на овој меч.
Но драмата настана во 54 минута кога се случи првото израмнување 22:22. Иако се загреваше, капитенот Лазаров не одигра ниту една минута и во игра влезе само за изведување на седмерците. Погоди два, но третиот кој беше клучен го промаши на 4 минути до крајот.
Потоа Чешка поведе и тоа со играч помалку и притисокот се префрли врз македонските репрезентативци кои сепак успеаа да израмнат. Чесите погодија пред крајот на мечот, а најголемата драма се случи во последните 5-6 секунди кога Манасков постигна гол за реми.
Судиите одлучија да го прегледаат последниот напад на забавена снимка и потоа досудија пенал кој Манасков не успеа да го реализира.
Филип Талески го заврши мечот со 5 гола, а Мартин Велковски, Стоилов и Миркуловски постигнаа по 4.
Ако победевме, ќе бевме втори на табела и утре со Данска ќе бркавме полуфинале.