Златен медал за Франција, сребро за Хрватска, бронза за Данска. Тоа е прогнозата за Европското првенство во Хрватска кое стартува денеска, според коефициентите на кладилниците.
Ги земавме двете најпознати Bwin i Bet365. Според првите Македонија ќе биде на делба на 11-то и 12-то место со Исланд, а коефициентот дека ќе го освои Еврошампионатот изнесува 251.
Вторите ни даваат нешто поголеми шанси, а тоа е делба на 10-то и 11-то место со Србија и коефициент за титула од 100.
Избраниците на Раул Гонзалес се во тешка група со Словенија, Германија и Црна Гора, а во сабота со почеток од 19:30 силите ќе ги одмерат со составот на Веселин Вујовиќ кој на минатиот Мундијал го освои третото место.
Фаворитската улога е јасно дека оди на нивна страна.
За Македонија ова ќе биде петто учество на Европските првенства. Во меморија уште ни е врежано она историско 5-то место од ЕП 2012 во Србија.
РФМ денеска најави премија од 30.000 евра за репрезентацијата доколку се оствари пласман во втората фаза од првенството и дополнителни 30.000 евра (или вкупно 60.000 евра) за пласман на некое од првите 6 места на првенството.
Ако сениорите успеат да стигнат до полуфинале, Претседателот на РФМ вети премија од дополнителни 40.000 евра или вкупно 100.000 евра за ваков висок пласман на шампионатот.