Прво финале на дебитанти, прво финале на две француски екипи.
Големиот меч за титула во „Ланксес Арена“ почна мошне израмнето - двете француски екипи се бркаа гол за гол до 7-7, а од тој момент Монпеље направи серија од 3-0 со погодоците на Сису, Гигу и Фабрегас за први +3. Оваа предност тимот кој најверојатно ќе остане втор во домашното првенство, ја чуваше до паузата на која заминаа со водство 16-13.
Најзаслужен за таквиот развој на настаните беше одличниот голман Венсан Жерар кој имаше дури 10 одбрани. Ситуацијата се смени на стартот од вториот дел кога Нант спретно го искористи падот на концентрација кај Монпеље и брзо стигна до 16-16 а потоа и до 24-24.
Тоа како да беше сигнал Симоне, Мамду и Ричардсон да направат неверојатен бег од 4-0 (28-24) и тука беше решено прашањето на новиот европски шампион. На крајот конечни 32-27 за Монпеље кој заслужено се качи на врвот на Европа.
Најефикасни кај Монпеље беа Симоне и Фабрегас со по шест погодоци, Вид Кавтичник даде пет а Жерар запиша 11 одбрани на голот. Кај Нант Лазаров беше најдобар стрелец со шест гола а Гурбиндо даде пет. Играч на мечот беше Аргентинецот Диего Симонет а за најдобар тренер во Лига на шампиони воедно и на Фајнал Фор е предводникот на Монпеље Патрис Канаје.
Монпеље заслужено ја прослави својата втора европска титула по освоената во сезоната 2002/2003. Ова беше второ загубено финале на Лига на шампиони за нашиот капитен после што остана на единствениот трофеј освоен со Барселона во 2015 година.