Металург беше во вториот шешир на второпласирани екипи од групната фаза и со тоа автоматски ги избегна како противници Кил, Берлин и Фленсбург. Тимот од Автокоманда од трите потенцијални притивници го доби најверојатно најлесниот, а останатите два тима беа Чеховски Медведи од Русија и Атлетико Мадрид од Шпанија.
Извлекувањето на двојките за осминафиналето беше полудиригирано, што значи дека вкрстуваа второпласираните со третопласираните екипи, а лидерите на групите за противници ги очекуваа последнопласираните екипи од групната фаза. Екипите кои веќе играле во иста група не можеа да се паднат и во осминафиналето.
Осминафиналните двојки:
Барселона - Силкеборг
Веспрем - Адемар Леон
Киелце - Сегет
Хамбург - Цеље
Кил - Чеховски Медведи
Металург - Динамо Минск
Берлин - Атлетико Мадрид
Горење - Флензбург
Инаку на Лино Червар не му е непознат белорускиот состав. Минатото лето на турнир во Струга Металург славеше против Динамо со 26:23, но на квалификациите за Лигата на шампионите во 2010 година македонскиот првак загуби со 27:21 и не успеа да се пласира во групната фаза.
Датумите на првите натпреварите дополнително ќе се одредат, но познато е дека ќе се играат помеѓу 13 и 17 март. Реванш средбите се закажани помеѓу 20 и 24 април, а Металург првиот меч ќе го игра на гости.